Владата се фали со пари кои ги добиваат сите кандидати на Балканот освен Србија, но не кажува колку пари загубивме. ЕУ ослободи само 65,7 милиони евра за Македонија а вкупната сума која требаше да се повлече само за периодот јуни 2025 – декември 2025 е 134 милиони евра, стои во соопштението на СДСМ што МИА го објавува интегрално.
Молчи Владата за клучното прашање колку пари загуби Македонија поради тоа што нема продолжување на европскиот пат?
Остануваат уште само 10 дена до рокот што самиот Христијан Мицкоски го постави за исполнување на реформите и европските обврски.
10 дена до уште едно неисполнето ветување на Мицкоски. Без измени на Уставот и внесување на малцинствата, нема продолжување на ЕУ интеграциите, нема помрднување од мртва точка.
Без тоа нема отворање на следната фаза од преговорите. Значи нема ништо. Самиот Мицкоски тврдеше дека има апсолутно мнозинство, самиот ја укина Техничката влада без консензус.
Сега нека не бара алиби кај СДСМ. Ние нема да му бидеме алиби за неисполнување на реформите и неговите ветувања. Нека ги заврши реформите што ги вети, нека ги исполни обврските до 1 јуни, нека ги внесе малцинствата во Уставот затоа што без тоа нема продолжување на интеграциите, нема поместување од мртва точка.
Само така ќе покаже дека навистина сака Македонија да продолжи кон ЕУ. Во спротивно ќе мора конечно да излезе пред граѓаните и да признае дека не сака ЕУ затоа што се плаши од европски стандарди, од реформи, од независно правосудство и од одговорност.
СДСМ




