Партијата СДСМ, која додека 7 години беше на власт, го смени името на Македонија, а сега како опозиција ја исфрли од употреба придавката „Северна“ во официјалното соопштение, направи безброј отстапки на штета на Република Македонија, повеќе пати „лажно доби датум за преговори“, а сега го обвинува ВМРО-ДПМНЕ за закочување на патот кон ЕУ.
Во продолжение целото денешно соопштение од СДСМ, во кое името Македонија го употребува без придавката „северна“, која додека беа на власт по стопати ја нагласуваа во сите соопштенија:
Раздвојувањето на Албанија од Македонија е само поради погрешните и штетни политики на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
Албанија напредува кон Европската унија а Македонија останува последна на Балканот само заради неразумното, штетно и недржавничко однесување на ВМРО-ДПМНЕ прво како опозиција а потоа и како власт.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се најдиректно одговорни за тоа што веќе немаме европска перпспектива.
Сега, после државниот дебакл што и го приредија на земјата, по раздвојувањето на Албанија од Македонија ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги прави граѓаните будали.
После сите блокади, после сите опструкции, деструкции, кочења, после сите можни изјави на Мицкоски од типот „не благодарам“ во ЕУ денеска ВМРО-ДПМНЕ го обвинува СДСМ.
Мицкоски и неговите соработници ги третираат граѓаните како ништо да не знаат, како да не се свесни за блокадата на европскиот пат што ВМРО-ДПМНЕ ја прави. Но, народот гледа и знае.
ВМРО-ДПМНЕ ја закочи европската иднина на Македонија и сега ги прави граѓаните жртви на своите политички игри.
СДСМ ги реши отворените спорови, обезбеди членство во НАТО и ја донесе Македонија пред прагот на ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ цело време ги блокираше сите овие процеси попречувајќи ја европската интеграција на земјата.
Последниот чекор којшто требаше да се охрабри да го направи ВМРО-ДПМНЕ не е направен само заради одлуките и бизнис интересите на Мицкоски и неговите соработници.
Граѓаните ова многу добро го знаат и нема да дозволат никој, а најмалку ВМРО-ДПМНЕ да ги прави будали.
СДСМ – Центар за комуникации