Централниот одбор на СДСМ донесе одлука да започне процедура за избор на кандидат за претседател на државата која ќе заврши и ќе се комплетира на конресот, што ќе се одржи на 3 март годинава и го овласти највисокото раководство на партијата да ја донесе одлуката дали заедно со претседателските избори ќе се одржат и предвремени парламентарни избори, најави вечерва генералниот секретар на партијата, Александар Кирацовски по завршувањето на седницата на Централниот одбор.

Тој посочи дека одлуката дали СДСМ ќе оди истовремено на претседателски и на предвремени парламентарни избори ќе ја донесе Извршниот одбор и највисокото раководство на партијата во текот на идната недела.

– Ние ги земавме предвид сите клучни аспекти кои беа запазени за време на дискусиите на членовите на Централниот одбор, но во сите од нив провејуваше една клучна цел дека на следните избори независно дали ќе бидат претседателски или заедно со предвремени парламентарни избори СДСМ ќе биде победничка партија. СДСМ денес се водеше не од своите лични интереси туку и од интересите на Република Македонија, на вага ги стави и ќе ги става во следната недела интересите дали е предност или недостаток за државата и граѓаните да се оди на предвремени избори, дали е од краткорочен или од долгорочен бенефит да се оди на двојни избори или само на претседателски избори – рече Кирацовски.

Нагласи дека Централниот одбор донел одлука за започнување на постапката за избор на кандидати за градоначалници на општините Дебар, Ново Село и Охрид и го избрал Дане Талески за секретар за меѓународна соработка.

Одговарајќи на новинарско прашање Кирацовски потврди дека премиерот Зоран Заев е веќе вратен во Македонија, но оти нема да дојде вечерва во партиското седиште.