Премиерот Димитар Ковачевски е државник за пример, а лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски да им се извини на граѓаните поради тоа што Македонија повторно не доби датум од ЕУ.

Вака сублимирано гласи денешното соопштение на СДСМ, по вчерашниот неуспех на власта, поради што пак власта се велича, а повторно опозицијата е „таа која е крива за се“ во државава.

Во продолжение од збор до збор целото соопштение од СДСМ:

Сите лаги што Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги пласираа во однос на евроинтеграциите потонаа.

Тврдењата дека наводно државата ќе се бугаризирала, дека народот ќе бил асимилиран пукнаа како меур од сапуница како и многу други лаги претходно.

Премногу е од лагите од белиот дворец, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да смогнат сили и да им се извинат на граѓаните.

Еве шанса ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да се променат и наместо да одработуваат за туѓи центри на моќ, да се престројат на страна на на граѓаните, на страната на националните интереси.

Претседателот на СДСМ и на Владата, Димитар Ковачевски покажа државништво, покажа како се брани национален и државен интерес, како се штити националното достоинство на македонскиот народ.

Од тој пример, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ можат доста да научат.

Центар за односи со јавноста на СДСМ