Еден од главните приоритети на Владата предводена од СДСМ во следниот четиригодишен мандат е воспоставување на ред, правда, дисциплина во државата, како и силна, неселективна борба против криминалот и корупцијата на сите нивоа, соопшти денеска СДСМ.

– Задача на новата влада е да обезбеди ред и дисциплина во сите институции и да расчисти со криминалот и корупцијата на сите нивоа, без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер. Ќе има проверка на потеклото на парите и на капиталот кај секој функционер, како и санкции за оние кај кои е утврдено нечесно работење. Следува процес на прочистување на судството. Оние судии за кои ќе се докаже дека свесно застарувале предмети ќе бидат разрешени, а следува и ревизија на 5 отсто од судски предмети одбрани по случаен избор, се вели во соопштението.

Предметите од СЈО, се додава натаму, кои со години се заглавени, ќе добијат конечна разрешница.

– Поддршката и довербата добиена на предвремените парламентарни избори значи и целосна поддршка во борбата против корупцијата која е непријател и на граѓаните и на институциите. Ред, дисциплина и правда е еден од нашите столбови на којшто се обврзавме и тоа ќе го испорачаме во следниот период. Во новиот, четиригодишен мандат ќе покажеме дека можеме уште повеќе и уште подобро да работиме во интерес на граѓаните и државата, се вели во соопштението од Центарот за односи со јавноста на СДСМ.