Мандатарот и лидер на СДСМ Зоран Заев најави дека ќе го поднесе предлог составот на новата влада и програмата за нејзина работа веднаш штом биде утврден бројот на потпретседатели на Собранието, најверојатно утре изутрина.

Заев во изјава за ТВ21 вели дека очекува денеска да се утврди бројот на потпретседатели на парламентот и да се верифицираат мандатите на пратениците кои влегуваат на местата на оние пратеници кои излегуваат од Парламентот поради други функции во извршната власт.

– Кога ќе заврши оваа процедура, ќе го поднесам предлогот за влада. Денеска до доцна ќе трае процедурата за верификација на мандатите, затоа што се најмалку 9 одлуки. Веројатно утре од сабајле ќе биде поднесен предлогот за влада. Потоа следуваат неколку дена пратениците да се запознаат со владината програма и биографијата на кандидатите за министри, изјави Заев.