Секогаш кога се наближува изборно соочување со граѓаните, така се зголемува интензитетот на лажни вести, конструкции и измислици од страна на опозицијата, се истакнува во денешната реакција на СДСМ во врска со објавувањето на вчерашниот нон-пејпер за македонско-бугарските односи.

Како и во секое соопштение, владејачкиот СДСМ, и овојпат не пропушта и за нон-пејперот да ја обвини ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата. И покрај тоа што појавувањето на нон-пејперот малку и „помогна“ на власта да се дефокусира вниманието на јавноста околу одговорноста за трагедијата во изгорената модуларна болница во Тетово и побараните оставки од власта.

– Очигледно е дека фамозниот нон-пејпер е пишуван во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, за да може Димитар Апасиев да шири лажни вести и да се радува на Фејсбук и другите социјални мрежи. Што друго може да се очекува од политички партии кои наместо конкретни мерки и програми, нудат само лажни вести и невистини. Водењето држава и општини е посложено од пишување статуси на Фејсбук и тоа граѓаните одлично го разбираат и затоа одново ќе го казнат нечесното и неодговорно дејствување, се вели во соопштението од СДСМ.

Така владејачкиот СДСМ само еден ден по објавувањето на нон-пејперот стана „и истражител и обвинител“ и днеска пласира вест која јавноста треба да ја проголта како точна, а притоа ја обвинува опозицијата за „ширење лажни вести“.

(Д.Г.)