Нов скандал со парцели, Димитриевски купил 9.000 метри квадартни, институциите да истражат, побара денеска владејачкиот СДСМ за својот градоначалник од Куманово, Максим Димитриевски.
Интересно е што „откритието“ на СДСМ е неколку дена пред избори, а како што е познато, Димитриевски цел мандат е нивни градоначалник, а на претстојниве локални избори настапува како независен.
Прашањето гласи: дали СДСМ открива скандали само за нивни градоначалници и други функционери кои им вртат грб?
Еве ја целата објава од СДСМ на нивниот официјален профил на Фејсбук:
Општина Куманово извршила продажба на над 26 хектари атрактивно државно неизградено земјиште на локацијата „Живкова карпа“.
Документи од катастарот за недвижнини покажуваат дека Максим Димитриевски купил 9.961 метар квадратен во местото „Црвенки“, државно неизградено земјиште.
Продажбата на ова земјиште по цена од едно евро по метар квадратен ја извршила Општина Куманово, што значи градоначалникот Димитриевски продава, градоначалникот Димитриевски купува државно земјиште.
Покрај Димитриевски парцела од иста квадратура на оваа локација купил и Бојан Јордановски, син на вработена во општината и директорот на основното училиште „Толи Зордумис“.
Земјиштето купено по едно евро за квадрат по урбанизацијата и по делењето на помали парцели, за некое време може да вреди и 50 евра за метар квадратен. Односно за вложени 10.000 евра, да се заработат и 500.000 евра.
Секојдневно јавноста го гледа вистинското лице на Максим Димитриевски кој лажно се претставува како социјалдемократ.