После сите штети што ги нанесе врз енергетскиот систем, преку расипничките и криминални проекти, ВМРО-ДПМНЕ нема никаков кредибилитет да зборува за енергетиката, се вели во реакцијата на СДСМ во врска со денешната прес-конференција на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Во продолжение текстот од целото соопштение од Центарот за комуникации на СДСМ:
Додека ВМРО-ДПМНЕ владееше, а Мицкоски му беше советник за енергетика на Груевски, цената на електричната енергија порасна за 100 отсто, евтината тарифа на струјата беше укината, а државата беше зависна од увоз на скапа струја.
За разлика од нив, СДСМ во изминатите 3 години направи сериозни реформи во енергетиката. Се покажа дека реформскиот процес во енергетиката за заштита на потрошувачите, транзицијата на замена на јаглен со сонце- на обновливите извори на енергија и правото на избор се единствениот вистински пат кој гарантира отпорност на енергетскиот сектор и во вакви нови околности.
Одлуката за корекцијата на цената на струјата е донесена од страна на независно, професионално тело, Регулаторната комисија за енергетика, за да се задржи функционалноста на енергетскиот систем во вакви вонредни состојби предизвикани од последиците на коронакрозата.
За да се заштитат граѓаните, евтината тарифа останува на сила во дневните и ноќни интервали исто како и до сега. Преку евтината тарифа 15 милиони евра годишно остануваат кај граѓаните, а најголем дел од нив се социјално ранливите групи, пензионерите и невработените лица кои најмногу ја користат оваа мерка.
Со корекцијата на цената, Република С. Македонија и натаму има една од најниските цени на електрична енергија во регионот и во Европа.
Лажна и лицемерна е загриженоста на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија ќе остане запаметена по руинирањето на енергетскиот систем, единствено заради лични и бизнис интереси на поединци.
Центар за комуникации со јавноста на СДСМ