Партиите од Коалицијата предводена од СДСМ, на вечерашната работна средба постигнаа начелна согласност на лидерско ниво, да застанат зад заеднички кандидат за претседател на државата, како и заеднички да настапат на престојните претседателски избори, уште во првиот круг, информираат од СДСМ.
Оттаму велат дека е договорено да продолжат пошироки консултации во рамки на самите партии, што се дел од коалицијата, за избор на најсоодветен заеднички кандидат за претседател на државата, во интерес на граѓаните.
– Заеднички е оценето дека на Република Северна Македонија и нејзините граѓани им е потребен вистински претседател, партнер на граѓаните, партнер на иднината, кој ќе застане рамо до рамо со прогресивните сили и Владата во процесите кои значат напредок, иднина, економија, членство во НАТО и ЕУ, се наведува во соопштението.
Оттука, како што посочуваат од партијата, функцијата претседател на држвата е од исклучителна важност и со таква одговорност Коалицијата предводена од СДСМ пристапува и во изборот на кандидат за претседател кој ќе работи за граѓаните и ќе ги претставува сите граѓани.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во име на Коалицијата, ќе ги продолжи консултациите со партиите од албанскиот блок во владината коалиција, како и со други парламентарни и вонпарламентарни партии, од власта и опозицијата, околу можностите да се дојде до заеднички кандидат за претседател на државата, кандидат за кој што ќе застанат граѓаните.
– Коалицијата предводена од СДСМ, која ја сочинуваат над 20 политички партии, се води искучиво од интересот на граѓаните, интересот на државата и нејзината иднина, велат од СДСМ.
Слично нешто во вечерашната изјава најави и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.