До средината на идниот месец, заштитеното природно и културно наследство, комплексот  „Маркови кули“ треба да добие своевиден „устав“ на валоризирани вредности.

Никој не смее без одобрение на прилепскиот Институт за старословенска култура да „чепне“ во Комплексот на 4.000 хектари. Идната недела е време на јавни расправи, но и на зацврстување на природните и на културните вредности на „Марковите кули“. Ќе се усвојуваат планот и стратегијата за управување.

Како што објасни Бранко Ристески, директор на Институтот за старословенска култура од Прилеп, Институтот ќе  управува со заштитеното подрачје „Маркови кули“ на површина од 4.000 хектари со докажана природна реткост и бројни споменични, барем девет, културни обележја. Идниот петок Институтот и Министерството за животна средина организираат јавни расправи за двата стратегиски документа.

– Првата јавна расправа се однесува на стратегиската оценка на животната средина најнепосредно поврзана со планот за управување со споменикот на природата Маркови кули. Во овој документ се антиципираат можните проблеми при планирањето и ставањето во функција на планот за управување и на овој начин добиваме алатка која би ги елиминирала можните проблеми во заштитата и надградбата на споменичните вредности на овој простор. Вториот суштински, стратегиски, документ, со кој се заокружува управувањето со овој заштитен  простор е Планот за управување во кој се два основни сегмента. Првиот се однесува на идентификување и валоризирање на природните и на културните содржини на овој простор, а вториот сегмент е системот на управување со заштитеното подрачје. Првиот сегмент е аналитичен и се заснова на природните и на културните вредности на овој простор, а во вториот, суштински и оперативен сегмент, се дадени основните четири зони на управување за дозволените активности за заштита и за зачувување на автентичните вредности и нивнотот ставање во функција за културна промоција и за туризам, објасни Ристески.

По јавната расправа, со внесувањето на сите арументирани забелешки и надополнувањето, особено на нацрт-планот за управување, Министерството за животна средина и просторно планирање е обврзано финалната верзија да ја одобри за натамошно усвојување. Усвојувањето го врши Институтот за старословенска култура кој управува со просторот. На седница на Советот, Институтот го усвојува планот за управување и станува законска рамка за управување со заштитеното подрачје.

 

-Со усвојувањето на планот за управување со споменикот Маркови кули се регулираат сите аспекти на заштита и ставање во функција на ова исклучително подрачје од аспектот на природни и на културни вредности. Главнта цел е во автентична форма да се зачуваат вредностите  кои се констатирани и валоризирани и не помалку битно е овие вредности да се стават во функција на нивна културна, туристичка експолатација и во нивна надградба бидејќи ако останат сами за себе ја губат суштинската вредност, вели Ристески.

Со планот за управување, целосно се регулира заштитатата и трае 10 години. Во меѓувреме ќе има истражувања и дополнително вреднување. Сето тоа е поблиску до ставањето на комплексот на постојаната листа на УНЕСКО.

-Оваа година и сите други би требало да бидат пресудни зашто е и обврска. Ова нѐ доведува до ситуација до крај да ги спроведеме сите можности поблиску до желбата „Марковите кули“ да се најдат, како заштитено подрачје, на постојанта листа на УНЕСКО, впотенцира Ристески.

Заштитеното подрачје на „Маркови кули“ опфаќа околу 4.000 хектари. Први се геолошките вредности кои го прават природна реткост, а опфаќа и намалку девет културни споменици, меѓу кои се: манастирите Трескавец, Архангел Михаил, горниот град на средновековниот Прилеп, цивилниот сегмент на средновековниот Варош,  потоа црквите „Свети Димитрија“, „Свети Никола“, црквата „Свети Петар и Павле“, потоа, црквата „Свети Атанас“ и црквата „Свети Богородица Пречиста“ и една цела низа споменични комплекси кои треба да бидат валоризирани на овој простор.