Поради големата заинтересираност на граѓаните за субвенциите за купување електрични тротинети и исполнување на предвидените средства, Градот Скопје известува дека овој јавен повик е затворен, соопштија денеска градските власти.
– На јавниот повик на Град Скопје за доделување субвенции за купување електричен тротинет граѓаните можеа да се пријавуваат електронски и да доставуваат фискални сметки за купен електричен тротинет од 1 јануари 2021 година. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 30 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Повикот се спроведува по принципот „прв дојден – прв услужен“. Во Буџетот на Град Скопје за 2021 година за субвенции за електрични тротинети се предвидени 1,5 милиони денари, соопштија од Град Скопје.