Американците во август ќе ја добијат првата парада на хетеросексуалците бидејќи се „обесправени”, и тоа во Бостон, познат како едно од најбезбедните места за ЛГБТ популацијата.

Настанот на кој ќе се прославува хетеросексуалноста ќе се случи во еден од најтолерантните американски градови кон ЛГБТ популацијата, а неговата цел е да ја исмее политиката на идентитет на левицата, истакнал организаторот Марк Сахади.

„За нив сè се врти околу идентитетот, и дали некој е жртва или угнетувач. Доколку имате статус на жртва, тогаш имате право да се славите себеси и очекувате тие на угнетувачката страна да се придружат кон вашите чувства”, навел Сахади.

За парадата е припремено и знаме, а актерот Бред Пит е избран за маскота.

Иако наишле на неколку препреки, организаторот на парадата најавил на Фејсбук дека по поднесување на жалба поради дискриминација, градот Бостон “сфатил дека ќе ја изгуби парницата” и дал дозвола за одржување на ваквиот настан.

Парадата на хетеросексуалците во Бостон е закажана за 31-ви август оваа година, а со настанот, порачуваат организаторите, ќе се слави хетеросексуалноста – љубовта кон спротивниот пол.

„Сакаме толеранција и сакаме толеранција за сите, не само за геј популацијата”, изјавил Џон Уго, еден од организаторите.

Како што расте акронимот ЛГБТ и во изминатите години се додадени буквите И и К за интерсексуални и квир личности, организаторите на бостонската парада сакаат да ја додадат и буквата С за стрејт, односно за хетеросексуалните лица.

Државата Масачусетс, во која е сместен Бостон, е првата држава која ги легализираше истополовите бракови во 2004 година, а во Бостон е склопен и првиот истополов брак во САД.