Се појави уште еден „свиркач“ за обидот американскиот претседател Доналд Трамп да го натера украинскиот претседател да го истражи неговиот политички противник за корупција. Информацијата ја потврди адвокатот Марк Зајд кој го застапува првиот свиркач кој поднесе жалба минатиот месец по што се активираше барањето за импичмент на Трамп.

Зајд изјави дека и вториот свиркач е разузнавач и ги потврдил тврдењата на првиот свиркач, кој го обвини Трамп дека го искористил влијанието на неговата функција за да вмеша странска земја во изборите закажани за наредната година.

Обвинувањата се поврзани со телефонски разговор на Трамп со украинскиот претседател Володимир Зеленски од кого барал да покрене истрага за неговиот демократски ривал Џо Бајден.