Повлекување на одлуката за зголемување на нотарските тарифи, најави денеска министерот за правда Игор Филков на брифинг со новинарите. Одлуката која ја донесе неговиот претходник Кренар Лога требаше да стапи на сила од 1 септември, а со неа цените за услугите на нотарите ќе беа зголемени за десет пати повеќе.
„Ова нема да се случи, затоа ќе ги повлечам измените за новата тарифа. Вака не се работи. Не смее народот да плаќа нешто 10 пати повеќе, односно не смеат да се носат одлуки без да има широка дебата, без да слушнеме што мислат за тоа сите засегнати страни“, изјави Филков.
Одлуката била донесена во февруари, а дури после изборите, односно на 6 јуни техничката Влада дала одобрение, по што истата била објавена во Службен весник. Според министерот Филков, за одлуката никој не ја информирал јавноста и процесот на нејзиното донесување бил таен.
„За промената на цената по кој бил основ мора да има сериозна анализа. Мора да има утврдена потреба од сериозно зголемување, како што предвидел претходниот министер, кој од неразбирливи причини терал некоја агенда за поскапувањето“, додаде Филков.
Министерот најави и дебата по прашањето со цел да не бидат оштетени ниту граѓаните, ниту нотарите. Телма веќе пишуваше дека нотарските тарифи ќе поскапат од два до десет пати. Најголемо поскапување беше предвидено кај составувањето на нотарски акти од помала вредност.
На пример, според досегашната тарифа, за нотарски акти до 100 илјади денари, се плаќаше 800 денари. Но, со новите цени независно дали се работи за предмет во вредност од 500 или од 50 илјади евра, граѓаните ќе треба да му искешираат на нотарот 8000 денари.
За составување на еднострани правни акти досега се плаќаше 400 денари, а новата цена требаше да биде 1300 денари. Заверката на превод се предвидуваше да скокне за двојно, од 100 на 200 денари. Исто толку и заверката на потпис.