Словенечкиот претседател Борут Пахор најави дека ќе разговара со шефот на разузнавањето кој ја информираше владата дека хрватски агенти прислушувале словенечки функционери во граничната арбитража.

– За информациите немав прилика да разговарам со директорот на нашата разузнавачка служба, а за она што и го кажа вчера на  владата ќе разговарам следната недела – изјави Пахор за новинарите.

Тој уште еднаш повтори дека Хрватска порано или подоцна ќе ја имплементира арбитражаната одлука, а и Словенија сака да се случи тоа.

– Но, воедно се надевам дека сите овие компликации нема да ја поткопаат подготвеноста на двете страни до демаркација на границата и нејзино почитување да се дојде по мирен пат – истакна тој.

Словенечкиот премиер Марјан Шарец во четвртокот изјави дека е „загрижен за односите со Хрватска”, откако дознал дека хрватската разузнавачка служба ја снимила комуникацијата меѓу словенечката претставничка на Министерството за надворешни работи Симон Дреник и тогашниот словенечки арбитер во арбитражата Јернеј Секолец.