Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак денеска ја поздрави одлуката на косовската влада да ги одложи реципроцитетните мерки кон Србија за 30 дена.
Лајчак на својот Твитер профил напиша дека му е благодарен на американскиот амбасадор во Приштина Џеф Ховениер за неговата „силна поддршка“.
„Ја поздравуваме одлуката на Косово да го прифати предлогот на Жозеп Борел за одложување на мерките за еден месец. ЕУ очекува веднаш да се отстранат сите блокади. Борел ги повикува Косово и Србија да се вклучат во дијалог за напредок“, напиша Лајчак.
Владата во Приштина го одложи спроведувањето на мерките за еден месец, објавија доцна синоќа приштинските медиуми. Како што најави владата во Приштина, мерките ќе бидат одложени до 1 септември, доколку денеска се отстранат барикадите поставени на административните премини, пренесе Бета.