По изјавата на американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер по состанокот доцна ноќта кон понеделникот со косовската претседателка Вјоса Османи, дека одлуката за спроведување на документите треба да биде одложен, косовската влада се огласи со соопштение во кое наведе дека „примената на двете одлуки со одложуваат до 1-ви септември 2022 година“.

Тоа значи, како што се наведува во соопштението на владата во Приштина, дека воведувањето на примена на ткн „реципрочни мерки“ наместо од понеделникот се одложува за еден месец.

„Владата на Република Косово најостро го осудува денешното блокирање на патиштата на северот на Косово и пукањето на тамошните вооружени луѓе врз полицијата. Станува збор за тенденција за дестабилизација на Косово и загрозува на мирот и безбедноста на граѓаните на нашата земја. Денеска попладне и вечерта имаше бројни агресивни чинови коишто ги поттикнуваше и подготвуваше официјален Белград“, тврди приштинската влада без приложување некакви докази.

Се додава дека премиерот Албин Курти заедно со претседателката Вјоса Османи и вицепремиерите Бесник Бислими и Доника Гервала-Шварц имале контакти и состаноци со американски и европски меѓународни фактори, по што и произлегла одликата за одложување.

„Во оваа прилика владата на Косово се обврзува дека од понеделник 1-ви август 2022 година ќе го одложи спроведувањето на двете одлуки од 29-ти јуни 2022 година до 1-ви септември 2022 година, кога ќе бидат отстранети сите барикади и воспоставена целосна слобода на движењето на северот на Косово. Им се заблагодаруваме на меѓународните партнери, особено на американскиот амбасадор Џефри Ховение, на нивната посветеност и придонес“, соопшти владата во Приштина.

Непосредно пред владиното соопштение, американскиот амбасадор ги извести новинарите дека го завршил состанокот со косовската претседателка Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти и оти од двајцата барал 30-дневно одложување на спроведување на одлуката за укинување на личните карти кои ги издава Србија и за пререгистрација на возилата.

Во дипломатски манир, Ховение неколку минути пред да биде дистрибуирано соопштението на косовската влада рече дека „тоа било „барање на американската влада“ и дека тоа „не значи дека ќе биде спроведено“,

„Речено беше дека одлуката треба да биде одложена за 30 дена реципроцитет, тоа е важно бидејќи има недоразбирања и дезинформации околу оваа одлука. Се надеваме дека можеме да работиме со владата за да обезбедиме разбирање на одлуката. Не велиме дека тоа не треба да биде спроведени“, рече амбасадорот на САД.

Истовремено во Белград српскиот претседател Александар Вучиќ, по состанокот со воениот врв во Генералштабот на Војската на Србија доцна ноќта, изјави во обраќање дека генералот Милан Мојсиловиќ одржал разговор со командантот на КФОР, Ференц Кајари, кој според најавите ноќва има разговори во српскиот дел на Митровица со претседателот на партијата на косовските Срби – Српска листа. Горан Ракиќ, и други претставници на српскиот народ.

„Прифатени се обврските на двете страни. Имаше многу лаги и дезинформации. На полноќ командантот на КФОР доаѓа во Косовска Митровица ќе разговара со Ракиќ“, рече Вучиќ

Рече дека српската страна ги молела меѓународните претставници да сторат сѐ што е можно да се запрат тензиите.

„Верувам дека ќе имаме добри вести. Се надевам дека сево ова утре ќе биде деескалирано и дека со нови компромисни решенија ќе дојдеме до мир“, рече Вучиќ.

Истакна дека на Србија следните денови „веројатно ѝ претстои најголема политичка битка“.

„Сакам да им се заблагодарам на оние кои ја поддржаа Србија, дури и оние кои беа коректни и изнесуваа коректни ставови. Благодарност и за (Карл) Билт, благодарност и за (Жозеп) Борељ. Особено сакам да им се заблагодарам ма претставниците на Руската Федерација, кои реагираа на многу коректен начин“, рече Вучиќ