Сите автобуси на ЈСП се вратија на улиците низ главниот град, откако Град Скопје обезбеди плата за вработените. Советот на Скопје донесе одлука за пренамена на средства за исплата на плати за вработените, а градоначалничката Данела Арсовска побара да се подмират долговите на институциите кон ЈСП, но и одговорност од раководството и сите кои придонеле за лошата состојба во претпријатието.
Скопјани вчера по прв пат останаа без услугите на јавниот градски превоз, поради проблемот со неисплатените плати на вработените во ЈСП.
Претседателот на Синдикатот за сообраќај и врски при ЈСП Скопје, Миќо Стојановски вели дека се обезбедени средства за платите до крајот на годинава.
– На трансакциските сметки на вработените ќе биде исплатена септемвриската плата и ме радува тоа што се обезбедени средства од буџетот на Град Скопје за наредните три плати што значи дека ќе нема потреба повеќе да чекаме 15-ти за да тие средства бидат доделени на вработените, а уште повеќе ме радува тоа што во ребалансот за буџетот за 2023 година јавниот градски превоз и ЈСП ќе бидат побогати за 360 милиони денари затоа што тоа се пари кои во минатиот период да не речам дека беа скриени, туку беа фантомски, информираше Стојановски.
Советот на Град Скопје вчера на вонредна седница едногласно изгласа одлука за пренамена на пари од градската каса, со што практично се овозможи исплата на платите и прекин на протестот на возачите.
Градоначалничката Данела Арсовска изјави дека парите што се пренаменети за плати се замена за парите што на јавното претпријатие ги должат Владата односно Министерството за образование и општините и ги повика во најкус можен рок да ги исплатат.
Од Град Скопје тврдат дека Министерството за образование и наука им должи 120 милиони денари за субвенциите за вршење линиски превоз за студенти и ученици во средно образование.
Арсовска исто така рече дека ќе се бара одговорност за тешката финансиска состојба во која е доведено ЈСП и за мултимилионските долгови што ги има генерирано, а се провлекуваат повеќе од деценија.
– Ние како Град Скопје бараме одговорност и од управните одбори кои што верувам дека треба малку поагилно да ја вршат својата работа затоа што сепак од граѓаните ги добиваат своите паушали, рече градоначалничката.
Од Град Скопје го повикаа менаџментот на претпријатието да си даде оставка.
– ЈСП продолжува со нормалното функционирање, откако градот Скопје изнајде решение за вештачки предизвиканата криза во претпријатието. Повикуваме, менаџментот на претпријатието во ликот на Управниот одбор на истото веднаш да поднесе неотповиклива оставка од функцијата поради несоодветно менаџирање со претпријатието, поттикнување и предизвикување на хаос, соопштија од Град Скопје.
Најавија и дека ќе поднесат соодветни кривични пријави против лицата кои го попречуваат функционирањето на јавното претпријатие.
Според Сојузот на синдикати на Македонија, пак, виновни што над 1.000 семејства на вработени во ЈСП се оставени без плата, а скопјани по прв пат останаа без јавен градски превоз, се градоначалничката на Град Скопје и в.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие.
Од ССМ вчера побараа да бидат поднесени кривични пријави против градоначалничката Арсовска и в.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Александар Стојковски поради непочитување на законите.