Владата вечерва на седница донесе повеќе одлуки за именувања на директори, в.д. директори и членови на управни одбори на повеќе јавни претпријатија и акционерски друштва.
Прифатени се оставките на досегашната директорка на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска, на директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Сафет Емрули и на заменик директорот на Агенцијата за иселеништво Осман Шукриу.
На местото на Јовановска е назначен Абдуш Демири, на местото на Емрули доаѓа Горан Герасимовски, а за заменик-директор во Агенцијата за иселеништво е именуван Измит Нура.
На досегашниот директор на Агенцијата за филм Горјан Торзија не му е продолжен мандатот и ќе биде објавен јавен оглас за именување на нов директор.
Поради индиции за сериозни нарушувања на повеќе одредби од Кодексот за етичко однесување даден е предлог до Управниот одбор на јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт да поведе постапка за разрешување на актуелниот директор Шпенд Хајредини.
Донесена е и одлука да му се предложи на УО на јавното претпријатие за стопанисување со пасишта да го разреши актуелниот директор Љујзим Фејзулаи заради неисполнети обврски од програмата за работа и слаби резултати, а на негово место да го именува Нефрус Челику.
Од должноста в.д. директор во Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот разрешен е Арбен Виља, а на негово место е именуван Дејан Павлески, дипломиран инженер по електротехника.
Разрешен е и Измит Нура од должноста заменик директор на Агенцијата за млади и спорт и за заменик директор е именуван Авни Рустеми.
Разрешување има и во Инспекторатот за труд каде на местото на актуелниот директор Аљајдин Хавзиу е именувана Јована Тренчевска, дипломиран социолог и м-р по социолошки науки.
Од функцијата директор разрешен е и Фејзула Спахија од Државниот инспекторат за животна средина и на оваа должност именувана е Ана Петровска.
Владата ја констатираше и оставката на Иљми Селами од должноста член на Одборот на директори во АД Водостопанство, а за член на Одборот е именуван Васко Стефанов, дипломиран инженер по индустриска логистика и магистрант на Факултетот за природни и технички науки.
За членови на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, на предлог на организациите регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации, Владата ги именуваше Наташа Бошкова за областа „Заштита на маргинализираните лица“ од Коалицијата сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници Маргини Скопје, и
Снежана Трпевска за областа „Медиуми и информатичко општество“ од Здружението на новинарите на Македонија Скопје.
Според соопштението од Владата, Марјан Кицев е именуван за член на Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, а Маја Аргировска е разрешена од должноста член на Комисијата за одлучување по барањата за зголемување на формираната цена на лек, и на нејзино место е именувана Аница Иваноска Стрезовски.
Со одлука на Владата, Слободанка Колевска е разрешена од должноста член на УО на ЈЗУ Општа болница – Струга, на нејзино барање, а за член на нејзино место е именуван Мартин Џутески.
Од должноста член на Управниот одбор на Фондот за иновации и технолошки развој разрешен е Александар Стефановски и поради истек на мандатот на претседателот и 5-те членови на Управниот одбор, за членови именувани се Моника Јованова, Пиштар Љутфиу, Калина Лечевска, Бранко Ничота, сите за период од три години, како и Димитрија Анѓелковски, Синиша Вељановски и Дритон Зибери за период од две години.
Разрешена од должноста е и Славица Тодорова, директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците и назначен е Милутин Станчиќ, професор по македонска и јужнословенска книжевност и српски јазик на Филолошкиот Факултет во Скопје.
Од должноста членови на Управен одбор – претставници на основачот на Државен ученички дом „Крсте П. Мисирков“, разрешени се Ангелчо Петков и Косте Бојков, а на нивно место назначени се Ефремчо Николов, Душанка Трајковска и Павле Лукоски.
Авдуљ Селам Селами е разрешен од должноста заменик на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и тој сега ќе ја извршува функцијата вршител на должноста заменик-директор во УЈП.
Разрешување има и во Управата за јавни приходи каде од должноста заменик-директор е разрешен Ремзи Абдулахи кој оди на нова функција како вршител на должност заменик-директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Владата го разреши и Анте Поповски од должноста в.д. директор на Агенцијта за квалитет и акредитација на здравствените установи и ја именуваше Калтрина Беќири, доктор на стоматологија за вршител на должност директор на Агенција за квалитет и акредитација на здравствените установи.
Џезми Салиу е разрешен од должноста директор на Управата за животна средина, и на оваа позиција е именувам Хисен Џемаили, м-р по менаџмент на животна средина за вршител на должност директор на Управата.
Владата на Република Северна Македонија заклучи да му препорача на Надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација (М – НАВ) АД Скопје, за член на Управниот одбор да го избере Фахрудин Хамиди (м-р по бизнис менаџмент).
Со заклучок од оваа седница на Надзорниот одбор на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД-Скопје му е препорачано, од должноста член на Управниот одбор на Железници Транспорт АД-Скопје да го отповика Орхан Муртезани, а за член да го избере Аднан Азизи (дипломиран на Филолошки факултет).На денешната седница Блажена Пејовска, дипломиран градежен инженер, насока-транспортна инфраструктура, е именувана за член на Управниот одбор на Јавното претпријатие за државни патишта.