Писмо до кое дојде МИА, потпишано од 17 европски пратеници и испратено до Европската Комисија бара од Европска Унија поактивно да се вклучи регионот во политиките и набавките на вакцини, јави дописничката на МИА од Брисел.

Писмото е потпишано од неколку европратеници познати на македонската јавност, како Словенката Ирена Јовева од редовите на Либералите и Австриецот, Андреас Шидер од редовите на Социјалдемократите, но и петнаесетмина други од сите политички партии.

Тие и зе заблагодаруваат на ЕК за донацијата од 651.000 дози вакцина против Ковид-19 на Фајзер за регионот, која започна да се дистрибуира на почетокот на мај, но истакнуваат дека тоа не е доволно.

Пратениците ја критикуваат Европската Унија и за начелното колебање кон регионот и покрај тоа што и самата ЕУ се соочуваше со тешкотии во тој период со вакцините.

– Задоцнетото на нашето дејствување е неприфатливо во перспективата и духот на нашето специјално партнерство и на политиката на проширување, кои бараат ефикасна и одговрна дефиниција во борбата против Ковид-19. Иако процесот на вакцинација и набавката на вакцини создаде и се уште создава проблеми за земјите членки, невклучувањето на земјите кандидати и потенцијални кандидати во планот за вакцинација на ЕУ, овозможувајќи им колективно да преговараат за количините и цените, се покажа како стратешка грешка, пишуваат европратениците.

Тие оценуваат дека ова е грешка како и во поглед на јавното здравје на самата ЕУ која е во постојан контакт со земјите од Западен Балкан, но и во политичка смисла.

– Нашето начелно колебање може да создаде чувство кај нашите партнери на Балканот дека ги запоставивме, што го зајаканува историското чувство дека не се сметаат навистина како дел од Европа. Ова чувство е зајакнато и поради намаленото темпо на процесот на европска интеграција во последните години, што се повеќе создава разочарување на дел на јавното мислење на Балканот кон ЕУ, предупредуваат потписниците.

Во изјава за МИА, европратеничката Ирена Јовева, истакна дека својот потпис го ставила затоа што смета дека земјите од Западен Балкан треба да се потпрат на ЕУ, а не на други земји во светот за вакцинацијата.

– Невозможно беше да се очекува дека земјите од Балканот ќе можат сами да се справат со пандемијата, посебно кога гледаме дека процесот беше тежок дури и за ЕУ која е финансиски многу помоќна. Се надевам дека ова ќе ја охрабри ЕК за подобра и поефикасна достава на вакцини бидејќи никој не е безбеден додека не сме сите безбедни, а пандемијата најдобро покажа дека болеста не познава граници, изјави Јовева за МИА.