Блаже МИНЕВСКИ

-Веднаш по војната, се што чувавме од брат ми Кочо дома, беше однесено. Се сеќавам дека прв кај нас дојде Славко Јаневски; прегледа низ хартиите и книгите, и собра се што му требаше. Потоа прати само фотокопии за Музејот во Велес. Еден дел од материјалите на Кочо зеде и Александар Спасов. Јас тогаш имав одвај 15 години и не знаев дека сите тие хартии се толку вредни. Си спомнувам дека од дома кој знае каде беа однесени неколку сандаци книги, тетратки испишани со ракописот на Кочо, разни негови предмети и друго. Ја помнам неговата стихозбирка “Антологија на болката”, отчукана на машина, која некако остана дома, ја зачувавме. Подоцна тој ракопис шеташе од рака на рака, притоа, пред дефинитивно да исчезне, најпрво го снема листот со првата песна – вели Александар Солев, брат на Кочо Рацин.

Според неговите спомени, луѓето што се интересирале за оставнината на Кочо, доаѓале еден по еден и разговарале исклучиво со мајка му Марија. “Слушав како и велат-тетка Марије, ова треба за Музеј! Таа им го даваше, без никакво прашање. Мислам дека и беше драго што ги бараат тие документи за Музеј.”, се сеќава Александар, најмал син во семејството Солеви. Тој е помлад од Кочо Рацин точно 18 години. Меѓу него и првото дете, се родиле уште девет деца, а од нив живи останале само шест: Грозда, Кочо, Димко, Никола, Деса и Александар.

-Есента 1942 година во собата кај што беа книгите и масичката на Кочо, имаше закачено една голема карта на ѕидот. На неа тој со иглички бележеше до каде се стигнати Германците. Ништо не зборуваше, но се гледаше дека е многу лут. Неколку дена подоцна тој негде замина. Беше рано утро; јас имав десет година и, се разбира, не знаев каде оди, но подоцна сватив дека тогаш го видов последен пат. Јас бев тргнат по глина за работилницата, беше рано, тој не очекуваше дека ќе ме види во дворот. Се сеќавам дека ме погали по косата и заедно излеговме од маалото. Одевме до крајот на градот заедно, а потоа тој ме гушна и брзајќи замина низ бавчите. Тоа беше нашето последно видување. За неговото загинување на Лопушник дознавме цела година подоцна. Мајка ми може нешто знаела, но веројатно не сакала да верува дека е вистина. Кога партизаните беа во селото Лисиче, јас и таа, со едно магаренце на кое имавме товарено бардачиња и грнци, отидовме таму. Штабот беше во Горно Врановци, но во Лисиче беа единиците што го обезбедуваа целиот тој реон. Таму го најдовме Ќиро Попадичето, партизан од Велес, близок пријател на Кочо. Тој не тргна настрана, ја гушна мама и и рече: “Тетка Маре, вистина е, Кочо загина во јуни, минатата година”. Мајка ми само се сврте настрана и тивко заплака; цел пат до Велес плачевме заедно-се сеќава Александар, и, како пред 60 години, му се вират во очите.

Убиениот Кочо Рацин бил погребан на местото каде што загинал. Мајка му Марија, заедно со уште неколкумина негови соборци, две година подоцна успеваат да го најдат гробот, и посмртните останки тогаш се пренесени во гробиштата крај црквата Свети Пантелејмон во родниот Велес. Триесетина година подоцна, Кочо повторно е откопан и заедно со другите велешки борци, во метално ковчеже, во кое не му ги собирало коските, па морало да ги искршат, е пренесен во велешката Спомен-костурница. Неговиот брат Александар вели дека ќе беше многу подобро Кочо да имаше свој гроб за да може да му се запали свеќа. Неговата несреќна судбина како да ја контролираа луѓето околу него, не дозволувајќи тој да има дури и свој гроб.
Брат му Александар вели дека на негови години, тешко може човек да се искачи до костурницата еднаш годишно, а не пак секој, ден како што во други услови би можел да доаѓа за да запали свеќа. Всушност, таму свеќа и не може да се запали.

Најмалиот брат на Кочо Рацин има два сина-Марјан и Коста, крстен на својот чичко. Двајцата веќе имаат свои семејства. Постариот Марјан живее во Велес, а помалиот Коста е во Москва. По завршувањето на славистичките студии во главниот град на Русија, внукот на Кочо останал да живее таму. Сега е асистент на еден од факултетите во Москва, оженет е со Русинка, и имаат син.

-Освен редовната работа на факултетот, последниве неколку година Коста имаше многу работа и како преведувач за големи компании, кои соработуваат со деловни партнери од Балканот. Благодарејќи на тоа, успеа самиот да си купи свој стан во Москва. Во меѓувреме, хонорарно работи и во радиото “Глас на Русија”, каде што е уредник на програмата на српски јазик. Емисијата на македонски јазик е укината за време на перестројката, заедно со уште десетина други програми. Сега радиото емитува емисии на 32 јазика. Во последниве две-три години, Коста прави напори емисијата на македонски јазик повторно да се врати на московското радио “Глас на Русија”. Кога се слушнавме последниот пат ни се пофали дека наскоро ќе го слушаме на македонски. Тој, исто како чичко му Кочо, ја обожува поезијата, а истовремено се бави и со преведување на песни од македонски на руски јазик. Тој замина во Москва со руска стипендија, и никогаш не побара пари од дома. Но, затоа и многу ретко си доаѓаше дома во Велес. И кога доаѓаше се снаоѓаше за превоз. Многупати си дојде и се врати со академик Гане Тодоровски, кој тогаш беше амбасадор во Москва. Не само што го земаше со себе, туку, како што велеше Коста, го носел дури и до зградата каде што живеел. По пат со часови разговарале за Кочо, но и за руската книжевност. Син ми многупати кажуваше дека од академик Тодоровски научил за чичко си Кочо Рацин, многу повеќе отколку што знам јас за него, иако сум му брат. Во разговорот, кога се видовме последниот пат, ми рече дека му должи на својот чичко една студија која сериозно ќе ги истражи сите аспекти на неговото творештво, но и на животот – вели седумдесет и деветгодишниот Александар Солев, најмладиот брат на Кочо Рацин.

Откако државата Македонија реши во куќата на Солеви да направи Музеј на Кочо Рацин, семејството доби локација за нова куќа. Сега тие живеат во близина на автобуската станица во Велес. За братот Александар, фактот што тој нема ниту еден единствен предмет или барем оригинал од некоја песна од Кочо е навистина непријатна и горка вистина. Тој знае дека во секое семејство со личност како Кочо, треба да има барем нешто што ќе биде еден вид семејна реликвија. За жал, вели тој, не само што тие немаат ништо дома, туку многу од материјалите и предметите на Кочо се изгубени засекогаш. Заедно со мистериозното загинување на Лопушник, мистериозно почнаа да исчезнуваат материјали од оставината на основоположникот на современата македонска поезија. Уште на самото место на убиството ја снемува торбата со тетратките, во кои Кочо Рацин пишувал кога немало борби. Според Блаже Конески, меѓу материјалите во торбата на Рацин, била и неговата поема “Сандански”. Тој ракопис до денес не е пронајден, а не се знае ниту од каде тоа можел да го дознае академик Конески. За да се дојде до некаква трага кон таа информација, секако потребно е детално да се истражи архивата на Блаже Конески депонирана во МАНУ. Во неа може да се открие некаква трага каде би можеле да бидат тетратките од торбата на Рацин што тој ја носел со себе кога е убиен.

Од друга страна, според Рахилка Фирфова-Раца, жената чие име Кочо го зел како свое презиме, слична судбина на “неразјаснето исчезнување” имаат и картичките што Кочо и ги испраќал во текот на 1928-1929 година, кога таа била ученичка во шести клас во Велешката гимназија. Пред неколку година музата на Кочо, неговата неостварена љубов Раца, почина во старечки дом во Скопје. Непосредно пред нејзината смрт, имавме можност да разговараме со неа, и притоа таа ексклузивно ни изјави дека стихозбирката “Антологија на болката”, која и била посветена нејзе, таа ја добила лично од Невенка Вујиќ, која и ја донела дома. Во посветата, според сеќавањето на Раца, пишувало:

”Плавој коси Бесмртне љубави”, а под неа бил потписот на Кочо напишан со крв. Со оглед на тоа што Раца тогаш веќе била мажена, ја скинала посветата, а книгата и ја вратила на Невенка. Од тој машинопис, потоа ја снемало и првата песна, како што потврдува и Александар, братот на Рацин. Исто така, Раца добро се сеќаваше дека Кочо напишал, и до неа испратил, точно 34 картички, кои таа ги чувала и ги сочувала речиси цели дваесет година. Подоцна тие картички се однесени, наводно во Музејот во Велес, а потоа во Архивот во Скопје. Во таа преселба, попатно исчезнуваат седум картички. Иако Раца никогаш не му одговорила на тие картички на Кочо, а се знае и дека тие никогаш и не се запознале, таа за нив зборуваше како за своја реликвија, и до последниот ден инсистираше да и ги вратат. Во една од тие картички пишува:

”Го земам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност, кондензиран воздив по тебе, “Антологија на болката”, и мое портре, ако побараш, капка крв од моето тело и душа – веќе имаш… Прости ми или проколнувај – сеедно. Едно само жалам: Што не ја чув смислата преку звукот на твоите зборови или барем нивната трага со мастило”. Јас и Кочо, велеше Раца, не разменивме ниту еден збор. Картичката во која вели дека го зема моето име, ми ја испрати на 6 октомври 1928 година. Кочо тогаш имал 20, а Раца – 17 години. Во тоа време најблиска пријателка на Кочо е Невенка Вујиќ, за која Раца сметаше дека не му била само пријателка.

Со Александар Солев, стоиме пред споменикот на неговиот брат што пред извесно време конечно беше направен во центарот на Велес. Кочо Рацин не се ожени и не остави свое директно потомство. Раца се омажи за Никола Ѓоргов, и тие имаа свои деца. Таа умре на 92 години. Споменикот на Рацин гледа во прозорецот на мансардата каде што живееше Раца Фирфова-Ѓоргова. Со есенските лисја што шумолат околу споменикопт, и околу нас, како да се препелкаат и неговите зборови од последната картичка испратена до неа: ”Сети се само на мојата болка. Ништо повеќе. Строфите од крв се последниот отров за мојата љубов”.

Залезот се лизга врз лицето на Александар Солев, најмалиот брат на Кочо. Спроти него е споменикот на брат му. Зад Рацин крваво заоѓа есенското сонце; небаре тој, сега, токму пред нас, пак потпишува некоја картичка со својата крв. За кого?

Кочо Рацин е роден 1908 година во Велес. Во енциклопедиските белешки секогаш стои дека бил поет и револуционер, истовремено. Тој е основоположник на современата македонска поезија. Автор е на стихозбирката “Бели мугри”, која, поради македонскиот јазик на кои се напишани песните, била илегално печатена во Самобор кај Загреб во 1939 година. Според местото на излегувањето, ‘Бели мугри” се надоврзува на Зборникот на народни песни од браќата Миладиновци, отпечатен исто така во Хрватска во 1860 година. Стихозбирката на Кочо Рацин изврши огромна улога меѓу народот, истовремено отворајќи го патот кон нормирање на македонскиот литературен јазик.
Меѓу песните од оставнината, била и стихозбирката „Антологија на болката”, а пронајдени се и фрагменти од романот „Афион”, но и други прозни текстови.
Кочо Рацин бил член на КПЈ и делегат на Конгресот во Дрезден, уредник на илегалниот партиски весник “Искра”; повеќепати бил протеруван и затворан од властите во кралска Југославија. По враќањето од интернација во Бугарија, во 1943 година, се вклучува во НОБ. Загинал во јуни истата година на планината Лопушник, убиен од негов соборец- партизан, кој наводно, не знаел дека човекот што се движел низ партизанската база е токму Кочо Рацин.
По војната моштите на Рацин се откопани од Лопашник и погребани во Велес.