Сите сме еднакви пред Законот, но во Македонија некои граѓани се поеднакви од останатите. Степенот на одговорност зависи од тоа што осомничените/обвинетите нудат и колку нивното битисување е важно за актуелната политичка состојба. Не само денес, туку години наназад сме сведоци на селективното функционирање во нашата ни државичка. Селктивно плаќаме даноци, селективно плаќаме комуналии, селективно одговараме пред законот, зависи кој со каков к’смет и во која политичка партија се родил, единствено нешто што не ни е селективно е меморијата, памтиме ама не делуваме и не учиме на грешките туку упорно и упорно ги повторуваме очекувајќи различен резулатат за иста грешка.

Кога само ќе се сетам на симпатичните шарени револуционери кои во едно грло ги извикуваа паролите „Нема правда-нема мир“, „Шутка не ти бега Никола“, „Нема да ви помине“ и сл. ми иде да ги гушнам и да ги прашам како им е сега кога не само што Никола ѝ избега на Шутка, туку и нема правда за да има мир. И сакам да ги прашам, ова ли е таа правда за којашто рушеа „режим“ со пенкало, и дали тие се истите луѓе што ја демолираа канцеларијата на Претседателот заради доделената аболиција?  Затоа што јас колку што гледам нема баш правда за сите,  има правда за тие што отвориле врата ама нема за тие што скубеле за коса, иако тие влегле низ вратата којашто претходно била отворена. А она што е најтажно можеби е дека 90% од таа ревулуционерна маса на народ сега ќути и наоѓа разноразни оправдувања зошто ова што се случува и не е така лошо туку напротив и е пожелно.

Мислам дека ќе се согласите со мене ако кажам дека не само што судството ни расцветало како пупка, туку пустото и ни прецветало. Во тек на судска постапка се изготвува Закон за амнестија кој да биде иронијата поголема е изготвен и изгласан од пратеници кои се дел од судската постапка која е опфатена со амнестијата. Не сум баш сигурна дека во некоја земја е направен ваков преседан во правото, ама па мора и ние во нешто да сме први, а тоа да не е загаденоста на воздухот. Уште ако се воспостави како успешна пракса можеме комотно да се прогласиме за лидери во Европа и експертизава да им ја продадеме на Европјаните како успешна формула при решавање на најразлични политички кризи. Се надевам дека некој од еминентните правни умови во државава ќе седне и ќе напише еден учебник „Владеење на правото на македонски начин“, во кој детално ќе го објасни процесот на помирување и политичка интервенција на законодавниот дом во работата на судот, како и симбиозата наместо поделбата на законодавната, извршната и судската власт кога треба да се случуваат процеси од кои зависи „иднината“ на државата, со посебен осврт на опфаќањето само на одредена категорија на чинители од кои зависи погоре споменатата „иднина“.

Со оглед на правниве егзибиции коишто се преземаат во насока на подобро утре, нејасно е како од утре ќе почне да важи правото еднакво за сите и како ќе нé убедат дека ова е последен пат да се тргува со правото за сметка на општото добро. Како еднаш за секогаш ние ќе воспоставиме систем на почитување на правото од сите и санкцонирање на сите оние коишто истото не го почитуваат ако создаваме пракса на адут во џеб – политички пазар за неодговарање за стореното?!

Матрицата „пазар за мир во куќи“ полека но сигурно нé води кон резултат да ја изгубиме куќата заради пазарот и за тоа никој нема да ни е виновен, секако не ЕУ и НАТО кајшто сакаме да бидеме.

 

Мартина Антиќ