Во пријатен и спонтан разговор, реков дека господинот Ципрас во многу нешта е сличен со нашиот премиер Заев, на што Ципрас низ насмевка ми одговори: – Да, да, ние сме како браќа!“, рече Нано фалејќи го Зоки на парадоксално, најпровладиниот северномакедонски , арно ама, и германски медиум. И, да, да, ко што вели Алексис, преживеја. Аууу, голтни ме земјо, сокриј ме… Ова требаше да биде нешто позитивно?! Ало, некој нешто не разбра во балканскава спрдачина со Македонија или живееме во посебни, севернопаралелни светови? Да, тука на сцена доаѓа онаа старата, по Зокија преработена: „Цирас брата не рани, тешко му на кој Заев го нема…“

Си седите така мозочно „немиени“, ги следите чедата кои се се’ само не Божји и не им верувате на сопствените очи и уши. И така, преживувате скоро две години ултра-идиотски бомбардирања со глупоштини…

Ех, вајстина е, драги мои. Некој пред 10 години да ви речеше дека БЦ е патриот и дека ќе го барате, ќе му кажевте дека си го бара со боринче и ќе го правевте недоквакан и будала. Арно ама, од денешна перспектива, транзицискиот крал изгледа како невинашце, бебенце, абе Бранко да ти бил супер…

Да, фер. Сегашниов ни билмез кој се претставува како премиер можете да го споредите со кој било транзициски политичар, ама асли-пандан и на „меџународна’ сцена не ќе му најдете. Ни на театарска де… Велат, таков мајка еднаш раѓа, а за наша жал еднаш и се случило. Во струмичко негде, в некое село, кај што мито не вене цвете… Добро, два пати, за да не се лути ВИЦЕ премиерот ни.

Е сега, истиот тој му бил лут на Зоки. Чуму, ќе прашате. За тендери ли, за некој нов, матен бизнис, поматен здравје? Немогуќе, тука Зоки да омане и на брата си да не даде? Таков грев не бива. Па и Кочо да добие, исто ко у фамилија да е, нели? Димитров е само по стипендии и кодошење по „ридове“, Рада е ко брод, така што и тука нема штоф. А Али, Али е најзафатен од сите.  Али (ама) башка фигуративно, башка буквално…

Се’ би било во ред, да не беше тој пуст Нано кој Зоки го издаде. Па како бре брат да не му се лути, кога Нано си кажа дека Ципрас сега Зокија за брат го прогласи?! Тоа внело страшен немир, не творечки се разбира, туку тендерски, во домот на „ЗА“-евци, а братот се почуствувал отфрлен и загрозен. Е арно, сега за сега се’ е у реду, ама ако Зоки ептен се збратими со Ципраса, отиде работава. Не е лесно, замислете само Зоки да го завикаат „Евро за Алексисо“ (така ваљда би звучело на струмички, де).

На страна стравот второстепен, кој и онака по самото име е заменик (вице-втор, заменик, нели), а сигурно ич не би сакал да биде третостепен, проблемот на Зокиевото збратимување, сепак, го имаат и најмногу на своја кожа го чувствуваат Македонците. Братчето, тој ќе се снајде, верувајте…

Кај Зокија, пак, во прашање е онаа старата прикаска од уште ни постарите претци, која гласеше: „Брат брата не рани, тешко му на тој кој го нема.“ Поради истиот тој надобудно-лукративен ни премиер, кај новите генерации Севермакедонци таа ќе се прекажува како: „Ципрас брата не рани, тешко му на кој Заев го нема.“

Не е шега, замислете само да го немаа Зоки, што ќе правеа Ципрас и „Меџународна.“ Да не постоеше, ваков совршен Ципрасов брат ќе требаше да измислат. Башка што тоа не е лесно, туку вака, кога го имаш ко готов муртински производ е многу, многу полесно…

Уште подобро, пак, им прилега онаа другата стара, може и постара: „Брат за брат, сирење за пари.“ Ееее, истите тие Северномакедонци ќе си ја знаат како „Зоки за Алексис, Македонија за пари.“ Не верувате? Е па, ајде да ги почекаме и дочекаме тие пусти „бомби“ од уште попуста пријателска земја, кои токму кај мене во емисија ги најави Мане Јаковлески, „бомби“ кои треба да објаснат како и за колку течел пазарот на ЗЗ со Преспанската ни капитулација на некогашната Македонија, држава која „благодарение“ на опортунистичките ни неолиберали, демек социјалдемократи, траела од 1991 до јануари 2019-та година (идно инфо во „Википедија“)…

Лично, не верувам дека дотичните „бомби“ ќе дојдат, оти некому тоа ама ич не му одговара, а тој како и секогаш не ќе да е Заев. Исто така, околу претседателскиве кандидати, не верувам дека ќе е ЗЗ. Не само поради неможноста како претседател, поради никаквите му ингеренции, да ги наградува блиските со тендерчиња, а на стара слава не бива нели, туку и поради фактот што тоа ридот не пие нафта. Јас типувам на Нано или на новокомпонираниот комуњар Нино из Димитрови… Денко ми е аут, Фрле докажан „ќор-фишек“, Стево уште поќор, а Владо и онака го има секој кој ќе посака. И нека не се глупираат, пред да направат нарачана анкета, нека проверат дали Бујар има години за претседател, суруши…

Мозочно испрани, податни, желни, превртливи, амбициозни до „јаја“, двајцата амбасадорски проверени, дел и кодоши. Нино ли, Нано ли, некој ќе ја има „честа“ да биде прв претседател на Северна Македонија.

И, кој и да е, не очекувајте да се срамат од името „новокомпоновано“ и ко Иванов ФИРОМ да го покриваат. Јок, на новиот шеф на најбанана државата во светот ќе му биде чест. Тој „гордо“ ќе ја носи Северна на реверот. Верувајте. Оти и онака ќе биде некој без компас, ко целата му сестринска, изгубена во северноридскиот превод, влада…

Најголем проблем, сепак, не е што Зоки пак ќе биде номиниран за Нобелова, јас сум за тоа. Треба да го номинираат, ама дефинитивно, но за достигнувања во науката, во лингвистиката.

Па после толку лупетања „заевизми“, навистина оваа Нобелова за мир треба да се „амандманира“ со награда за наука, оти би било „громозорно“ да не ја добие. Сепак, да внимаваме тоа да не се случи на Зокиевиот „8-ми Март, меѓународниот ден на трудот“ затоа што некоја од жените „Турки“, можеби ќе се навреди и ќе пие „дијапазами“. Е, колку и да е ова „закукулено, замумулено“ и наликува на „квантините скокови“, го има на претек, мал милион. Па дајте му бре Нобелова на човекот! Кога можело да ги номинираат Сталин и Хитлер, чуму не би и Зоки? Фер…

Да, наградете го и за северната глупоштина и за стотиците неологизми му фантастични, заменување фрази, имиња и поговорки. Башка историја, Устав, нација, име… Во право се, се измачи човекот. Само, немојте исто тоа доделувањето да се случи во тогаш, северномакедонскиот град „Велис“(ака Велес)… Одете подобро во Скопје, град кој од антиката и барок без проблем и со овации премина во комуњарска Јура и време на диносаурусите. Добро, ќе имаше и овации при доделувањето на Нобеловата, доколку граѓаните не се исселеа поради акутно труење со воздух, што, пак, на куклите-диносауруси Чомбеви и не им пречеше…

Сето ова на страна, но Зоки наметна еден сериозен проблем, посериозен здравје…

По братските му љубовни пориви на Ципрас, кои Зоки не ги одби, најново е што луѓето во некогашната му Македонија, набргу веќе нема да милуваат да се ословуваат со толку честото „БРАТ.“ Оти, ако Зоки е брат со Ципрас и обратно, ова веќе и не е баш уба и „братска“ квалификација, односно, ќе стане многу грда и омаловажувачка. Ќе бидне ли „БРАТ“ пејоратив, потсмешлив израз, благодарение на ЗЗ?

Или, сепак, ќе си велиме: „Абе брат, ми текна… Ама, извини, не брат ко Алексис и Зоки, нели брат.“

Таксират македонски, братски или не…