Градоначалникот на Воден Димитрис Јану, завчера, им се заканил на Македонците од селото Нисија во Егејска Македонија, кои присуствувале на панаѓур, дека ќе им викне полиција ако продолжат да пеат македонски песни.
– Ако пеете на вашиот јазик ќе ви донесам полиција сите да ве затвори, им се заканил Јану.
Македонците во воденските села, на собирите и панаѓурите, се уште ја негуваат македонската традиција, песни, музика и македонскиот идентитет.
Изјавата на градоначалникот, како што беше објавено и на социјалните мрежи, наишла на остра осуда кај локалното население, па дури и на дел од администрацијата во општината во која градоначалник е Јану, бидејќи многумина од нив си ги знаат и си ги зачувале македонските корени.
Поради силните притисоци, на завчерашниот панаѓур во Нисија, продолжиле да свират македонска музика, но без пеење на песните на македонски јазик.
Тоа кај голем дел од Македонците наишло на незадоволство и многумина ја напуштиле веселбата. Нисија е село на 12-тина километри западно од градот Воден, населено со Македонци.
На локалните панаѓури и други собири се уште се негуваат македонските песни и музиката. Таа традиција трае со векови. На верските празници се изведува македонска традиционална музика. Додека свирење македонска музика, но без пеење, се практикува во дел од селата каде се уште има голем страв од јавното изјаснување на идентитетот. Такво е и селото Нивици (Псарадес) во кое беше потпишан договорот со Грција помеѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Големата посетеност и присуството на млади Македонци кои од срце пеат на мајчиниот македонски јазик дава надеж дека идентитетот нема да биде избришан.