СЕМЕЈНА ТРАГЕДИЈА ВО КАВАДАРЦИ: Почина и 21-годишниот брат на момчето кое пред два дена ја изгуби битката со Ковид на Инфективна клиника

/ 05.11.2020

Почина 21-годишен кавадарчанец, брат на момчето кое деновиве на Инфективната клиника ја загуби битката со Ковид-19.

Веста денеска ја објави и градоначалникот Митко Јанчев на својот профил на Фејсбук:

– За жал, денеска изгубивме уште еден млад човек кој не успеа да се избори со оваа страшна пандемија. Пред два дена го изгубивме едното момче на 26-годишна возраст, денеска почина и неговиот брат на 21-годишна возраст. Трагедијата е огромна и нема зборови кои можат да дадат утеха на семејството во овие моменти. Заедно со Советот на Кавадарци изразуваме длабоко сочувство до таткото на починатите братчиња и нивниот брат и поширокото семејство. Пандемијата однесе два човечки животи на двајца браќа во период од 3 дена, немоќни сме да се бориме и да дадеме утеха. Уште еднаш изразуваме длабоко сочувство и стоиме на располагање за помош на семејството кое е погодено од огромна трагедија. Да се чуваме сите и што поскоро да ги поминеме овие тешки денови, напиша Јанчев.

Пред два дена почина 26-годишен кавадарчанец на Клиниката за инфективни болести.

-Дваесет и шест годишниот пациент од Кавадарци бил хоспитализиран на Клиниката на инфективни болести и фебрилни состојби од 25 октомври. Тој имал апластична анемија и бил со тешка клиничка слика на неинвазивна вентилација со прогресивно влошување на здравствената состојба, стои во писмениот одговор до МИА од Одделение за односи со јавноста при Министерство за здравство.


Од истата категорија