Односите меѓу Грција и САД, кои никогаш не биле посилни, се многу важни, а во последно време се продлабочени и станаа поважни и за двете земји, изјави американскиот сенатор и прв човек на демократите во сенатската Комисија за надворешни работи, Боб Менендез на средба со грчкиот претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос во Атина.
– Грција е многу силен и важен сојузник на САД во рамките на НАТО и сојузник кој ги исполни своите обврски, нешто што би сакал да го сторат и сите други сојузници. Освен ова, постои одличен и многу важен билатерален однос. Би сакал да Ви се заблагодарам за она што ни го давате во Суда, како и за односите што ги имаме во безбедноста. Би сакал да додадам дека во САД има важна грчка дијаспора, која сѐ повеќе се враќа и инвестира во својата татковина, изјави американскиот сенатор на средбата со Павлопулос.
Како што јави МИА од Атина, Павлопулос му се заблагодари на Менендез во име на грчкиот народ за неговата позиција и ставови во однос на Грција и Кипар.
– Сакам да ве уверам дека овие позиции за поддршка за Грција и Кипар, особено во овој период, во суштина се позиции што се однесуваат на зацврстување на мирот и стабилноста во нашиот поширок регион, а особено во толку измачениот Источен Медитеран и на Блискиот Исток. Освен тоа, овие позиции, особено последните во однос на тоа кои се обврските на сојузниците во НАТО, се позиции кои се однесуваат на моќта на НАТО и исполнувањето на неговата мисија, изјави Павлопулос.
Американскиот сенатор се сретна и со грчкиот министер за одбрана Евангелос Апостолакис и со лидерот на опозициската партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.
Како што соопшти грчкото Министерство за одбрана, Апостолакис и Менендез разговарале за прашањата поврзани со билатералните односи и безбедноста во Источниот Медитеран и на Блискиот Исток.
Грчко – американските односи, но и ситуацијата во Венецуела, се нашле на агендата на разговорите на Менендез со лидерот на Нова Демократија, Мицотакис.
– Сенаторот Менендез отсекогаш беше близок сојузник на нашата земја, а и јас, јавно ја поздравувам неговата надпартиска законодавна иницијатива за создавање зона на безбедност за енергетиката, но и за геополитичка соработка во Источниот Медитеран. Драго ни е што оваа иницијатива има надпартиски карактер и ја признава важноста на односите на САД со Грција, Кипар и Израел. Политика која започна од владите на Нова демократија и е усвоена од сегашната Влада, рече Мицотакис по средбата со американскиот сенатор.
Според грчките медиуми со конкретниот закон, Менендез и неговиот републикански колега Марко Рубио, меѓу другото, предлагаат информирање од државниот секретар на САД за бројот на турски прекршувања на грчкиот воздушен простор и во кипарската ексклузивна економска зона, укинување на американското ембарго за извоз на оружје на Кипар, доделувањето три милиони долари воена помош на Грција преку програмата за финансирање на странски вооружени сили и доделување два милиони долари за Атина и Никозија преку програмата за Меѓународна воена едукација и обука.