Данска е елиминирана во прелиминарната групна фаза на Европското ракометно првенство во Австрија, Норвешка и Шведска.

Актуелниот светски и олимписки шампион се надеваше на триумф на Исланд над Унгарија за опстанок на турнирот, но тоа не се случи.

Унгарците ги совладаа Исланѓаните со 24:18 и како првопласирани во групата Е се пласираа во главната фаза на ЕП. Иако во најголем дел од мечот беа во негатива, во еден момент и со пет гола разлика, сепак, со извонредна игра во финишот успеаја да направат резултатски пресврт за голема победа на крајот со која пренесуваат и два бода.

Најзаслужен за тоа беше Банхиди со осум гола, Бока и Сита реализираа по четири. Лидери во исландската селекција беа Палмарсон и Сигурдсон кои запишаа по четири погодоци.

Унгарија и Исланд продолжуваат во група со Норвешка, Словенија, Шведска и Португалија додека во другата група, во Виена, ќе играат Хрватска, Австрија, Чешка, Шпанија, Германија и Белорусија.