Сестрата на севернокорејскиот лидер, Ким Јо-џонг изјави денеска дека Јужна Кореја и САД ќе се соочат со уште поголеми безбедносни закани.
Како што наведе таа, причина за тоа е продолжувањето на годишните заеднички воени вежби, кои почнуваат оваа недела.
– САД и Јужна Кореја ќе се соочат со посериозна безбедносна закана, бидејќи ги игнорираат нашите постојани предупредувања околу нивниот напредок кон опасни воени вежби, истакна Ким Јо-Џонг, јави севернокорејската агенција КЦНА.
Таа нагласи дека вежбата е непожелна, самоуништувачка акција која го загрозува севернокорејскиот народ и ги зголемува тензиите на Корејскиот полуостров. Таа ја обвини Јужна Кореја за предавничко однесување бидејќи започна со маневри набрзо откако беше повторно воспоставена телефонската линија меѓу Пјонгјанг и Сеул во обид да се намалат тензиите.
Севернокорејската висока претставничка најави дека Пјонгјанг ќе ги засили своите активности за апсолутно одвраќање, вклучително и оние со силни превентивни способности, со цел да се спротивстави на растечката американска воена закана.
Јужна Кореја и САД, кои имаат во таа земја околу 28.500 војници, денеска ја почнаа прелиминарна вежба која е вовед во поголема, закажана за следната недела, и покрај предупредувањата на Северна Кореја дека тие негативно ќе влијаат на напредокот во подобрувањето на меѓукорејските односи.