Глобалното затоплување над 1,5 степени ќе биде катастрофално за пацифичките островски земји и може да доведе до губење на цели држави поради зголемувањето на нивото на морињата во текот на овој век, предупредија експертите.

Лидерите на земјите од Пацификот, вклучително и австралискиот премиер Скот Морисон и премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, учествуваа во петокот на видео состанокот на лидерите на Форумот на пацифичките острови, каде што заедно со експерти во оваа област разговараа за последиците од климатските промени, пишува Гардијан.

Според новиот извештај на Гринпис, овој регион има една од најниските емисии на јаглерод во светот, 0,23 проценти од сите глобални емисии, но страда од некои од најраните и најсериозни влијанија од зголемувањето на глобалните температури.

Последиците од климатските промени се веќе присутни овде, кои се одразуваат преку плимата, катастрофалните циклони, зголемената соленост во водата што спречува одгледување на земјоделски култури, постојаните суши и загрозеноста на островите поради зголеменото ниво на морето, а се очекува овие кризи да бидат почести и посериозни, додека планетата се загрева.

Предупредувањата доаѓаат откако Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЧ) при ОН вчера објави важен извештај за глобалното затоплување, кој покажа потреба за двојно намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина, за да се ограничи затоплувањето до 1,5 степени Целзиусови во однос на прединдустриското ниво, што е цел договорена во рамки на Парискиот договор за климата по постојано лобирање од страна на лидерите на островите во Пацификот.

Во извештајот, во чија изработка учествуваа повеќе од 200 автори, разгледани се пет сценарија, а заклучокот е дека веќе за десет години ќе биде надмината температурата, која светските лидери ја поставиле како цел.