Ремито против Атлетико Мадрид (2:2) дополнително ја оддалечи Барселона од титулата и тренерот на тимот Кике Сетиен не криеше дека задачата станала уште покомплицирана.

Сепак, тој беше задоволен од играта во судирот со „јорганџиите“.

– Жално е што не победивме бидејќи е потешко да се надеваме дека ќе станеме шампиони. Губењето на поени ги намали нашите шанси за прво место, но мора да продолжиме да работиме. Атлетико е добар тим, со одлични играчи. Тие се многу стабилни. Тие не оставаат слободни места. Јас сум целосно задоволен од нашата игра. Ние ја контролиравме топката подолги периоди на натпреварот. Тимот вложи многу напор против исклучително дисциплиниран противник, изјави Сетиен.

На прашањето дали е мирен за својата позиција, специјалистот рече дека ја чувствува поддршката на тимот, а исто така одби да коментира дали имало средба меѓу него и раководството на клубот.

Барселона е на второто место во пласманот со 70 бода, а лидерот Реал Мадрид има 71 пред денешниот натпревар против Хетафе.