Северна Кореја денеска истрела неидентификуван проектил од својот источен брег, соопшти јужнокорејската војска.
„Северна Кореја лансираше неидентификуван проектил кон Источното Море“, се вели во краткото соопштение на Здружениот штаб на Јужна Кореја во Сеул, мислејќи на водената површина позната и како Јапонско Море.
Кабинетот на јапонскиот премиер исто така го потврди лансирањето, прецизирајќи во објава на социјалната мрежа Х дека Северна Кореја истрелала „една или повеќе балистички ракети“.
Јапонското Министерство за одбрана подоцна наведе дека проектилот „веќе паднал“, без да даде дополнителни детали.
Лансирањето се случи откако Северна Кореја вчера ја отфрли резолуцијата на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) со која се осудува развојот на нуклеарната програма на Пјонгјанг, наведувајќи дека резолуцијата „воопшто не ја менува позицијата на земјата“.
Минатата недела, Пјонгјанг истрела неколку балистички ракети со краток дострел кон Источното Море како дел од „вежба за демонстрација на огнена моќ“.
Статусот на Северна Кореја како нуклеарна сила – воспоставен откако земјата го спроведе својот прв нуклеарен тест во 2006 година и потоа разви широк спектар на балистички ракети – беше вграден во нејзиниот устав во 2023 година.




