Севернокорејски медиуми денеска објавија дека тамошниот претседател Ким Џонг-ун надгледувал тестирање на ново тактичко оружје со кое се покажува „брзорастечка одбранбена можност“.

Јужнокорејската агенција Јонхап, повикувајќи се на севернокорејската држава телевизија, јави дека оружјето е „истражувано и разработувано долго време“ и оти тестирањето било успешно. Севернокорејската телевизија навела дека оружјето, без да соопшти од кој вид е тоа, било замислено да ја гарантира безбедноста на државата „како челичен ѕид“.

Тоа е прва инспекција на терен заради тестирање на некое оружје, на која Ким присуствувал од ноември минатата година, кога го надгледувал тестирањето на интерконтиненталната балистичка ракета „Хвасонг-15“.

САД остануваат убедени дека Ким ќе ги почитува преземените обврски за денуклеаризација, наведе Стејт департментот.

„И натаму сме убедени дека ветувањата, дадени од претседателот (Доналд) Трамп и севернокорејскиот лидер Ким ќе бидат испочитувани“, се наведува во соопштението од Стејт департментот.