Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, заедно со претставници од МТСП, денеска се сретна со директорите на јавните установи за згрижување на деца-градинките, на ниво на цела држава, во пресрет на нивно отворање на 9 септември.
– Врз основа на направените анализи и процена на ризици, од страна на МЗ и анализите и податоците на МТСП, Владата на РСМ, донесе одлука дека градинките можат да започнат со работа, почитувајќи ги протоколите и алгоритмот кој прецизно предвидува правила кои строго треба да се почитуваат со цел заштита на децата и вработените во градинките, посочи Шахпаска.
Министерката Шахпаска истакна дека, според добиените податоци од градинките, 29.000 деца се запишани во нив. Согласно протоколите, прием може да се направи на околу 19.000 деца, а досега пријавени од страна на родителите дека ќе посетуваат градинка се околу 14.500 деца.
При тоа приоритет ќе имаат самохраните родители и еден од двајцата вработени родители кои не можат работните обврски да ги вршат од дома и ќе приложат соодветна потврда.
-Во однос на прашањата за недостиг на кадар или простор, Општините се тие кои треба да го изменаџираат проблемот и изнајдат решение, согласно заклучокот донесен на Првата седница на Владата на РСМ, одржана на 1 септември, посочи министерката за труд и социјална политика Шахпаска.
Од Министерството информираат дека од страна на директорите на Јавните установи за згрижување на децата, биле посочени одредени дилеми, за кои низ отворена дискусија се донеле одредени заклучоци и се расчистиле голем број на прашања и нејаснотии.
-Безбедноста на децата е приоритет, а согласно донесените Протоколи и Алгоритам направени врз основа на детални анализи и процени градинките се подготвени да започнат со работа на 9 септември за безбедно и сигурно згрижување на децата во установите, велат од МТСП.