Испразнетите затвори од криминалци и убијци, кои беа пуштени на слобода, како и рекетот, криминалот и полните торби Луј Витон, се потиснуваат во втор план од меморијата на граѓаните, со бесконечните судења на „терористите“ од пред три и пол години во Собранието на Република Македонија.

– Не постоеше план за насилство на конститутивната седница на 27 април 2017 година, сведочеа денеска дел од пратениците кои се повикани од страна на одбраната на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски.

Сегашниот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој и во претходниот собраниски состав ја имаше истата функција, пред судот изјави дека ниту некој информирал за некаков план, ниту за тоа се разговарало на координација во Собранието.

– Ниту имавме некоја информација, ниту некој на координација информирал за некаков план. Напротив, на многуте координации во тој момент ни се укажуваше да внимаваме на било каква било вербална или друга провокација, рече Мицевски.

И пратеникот Панчо Минов истакна дека немал сознание за каков било план за загрозување на уставниот поредок во државата.

Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ, кој исто така беше повикан како сведок на одбраната, рече дека Вељаноски не го прекршил Деловникот за работа на Собранието.

 

На денешното рочиште сведочат неколку пратеници од претходниот собраниски состав кои се викнати од страна на одбраната на Трајко Вељаноски.

На последното рочиште на 26 август, на предлог на Вељаноски, беше презентиран видеозапис од продолжението на конститутивната седница на Собранието на 27 април 2017 година.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.