Според првичните анализи насилството во услови на пандемија се зголемило за осум до десет проценти, особено во периодот кога во земјава имаше ограничено движење и карантински мерки.
–Првичните анализи говорат дека насилството во услови на пандемија, особено во оној првиот дел на пандемијата, во првите три месеци кога како Влада презедовме мерки во облик на рестриктивно ограничено движење и карантински мерки насилството беше зголемено за некој процент според првичните анализи меѓу 8 и 10 проценти, рече на денешната прес-конференција министерката за труд Јагода Шахпаска одговарајќи на новинарско прашање.
Ова, какошто појасни, заедно со постојаните напори за спроведување на Истанбулската конвеција и спречување на насилство, како и заштита на жртвите на насилство, биле дел од причините МТСП да го изготви Предлог-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, што Владата веќе го усвоила.
Порастот на насилството, неговото препознавање и отстранување на секоја можност за повторување на насилството, потенцира министерката, го става овој закон како еден од приоритетите на МТСП. Со него, рече таа, се обезбедува сеопфатен пристап и координиран мултидисциплинарен одговор во справувањето со овој тип на насилство во согласност со меѓународните стандарди.
-Нулта толеранција за насилството врз жените и семејното насилство за Министерството за труд и социјална политика е главен приоритет и оттука ова законско решение е темелот, основата во борбата против сите форми на насилство врз жената и семејството. Овој Закон е важен дел од Акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција, која нашата држава ја ратификуваше во декември 2017 година, истакна министерката Шахпаска.
Таа се надева дека Предлог-законот во собраниска процедура ќе добие поддршка и од опозицијата, бидејќи, како што рече, насилството не познава партиска определеност, ниту верска или етничка припадност, општествен или имотен статус.
-Родово базираното насилство врз жените и семејното насилство можеби некаде е повидливо, а некаде затскриено, но тоа постои и затоа пред него не смееме ниту да молчиме, ниту да го игнорираме. Напротив, треба да ја подигнуваме свеста за негово препознавање и постапување. Насилството врз жените и семејното насилство не се приватна работа и затоа државата треба преку сеопфатни и интегрирани политики да превенира и да ги заштити жртвите на насилство. Токму затоа е важно сите заедно да застанеме зад ова законско решение, кое е подготвено во соработка со експерти и невладини организации и решение кое значи надградба на постојниот систем и зајакнување на севкупниот институционален одговор на родово-базираното насилство, рече на прес-конференцијата министерката.
Поддршката се обезбедува во делот на информирањето, советувањето и привремениот престој за жените жртви на родово базирано насилство и семејно насилство и нивните деца, жените жртви на сексуално насилство и силување, жртвите на трговија со луѓе, како и жртви на насилство поради сексуална ориентација и родов идентитет, посочи Шахпаска, е во согласност со стандардите предвидени во Истанбулската конвенција.
Таа истакна дека оваа поддршка ќе биде обезбедена од институциите на системот – социјалната заштита, здравствените установи, Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, здруженијата и единиците на локалната самоуправа. Како и дека Законот предвидува надлежните институции во постапките за родово базирано насилство врз жените и семејното насилство да постапуваат итно и со должно внимание на интересите и потребите на жртвата, а со цел заштита на жртвите и нивна реинтеграција во системот.
Согласно законското решение, судот има обврска, веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа по приемот на предлогот од Министерството за внатрешни работи и полицискиот извештај, без да одржи рочиште да одлучи за изрекување на итна мерка за заштита „отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот“. Жртвата има право да поднесе тужба пред граѓански суд за утврдување на одговорност за непостапување со должно внимание од страна на надлежните институции, а товарот за докажување е на страната на институцијата и лицето во институцијата што пропуштило да постапи согласно закон, а жртвите се ослободени од судски трошоци во текот на судската постапка.