Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска учествуваше на министерскиот состанок „Интеграција на Ромите“ во Тирана, Република Албанија. Таа преку видеообраќање ги пренесе главните пораки поврзани со темата на министерскиот состанок.
-РС Македонија е дел од Меѓународната иницијатива Декада за вклучување на Ромите 2005-2015, со цел намалување на јазот помеѓу Ромите и другите заедници преку креирање на посебни политики, стратегии, програми за нивна целосна интеграција во општеството, а со поддршка на Светска Банка и Фондацијата Отворено Општество. Концептот Едно општество за сите значи вклучување на сите граѓани во креирањето на политиките и носење на одлуки кои обезбедуваат еднакви можности за личен развој и напредок, меѓутоа и создавање на општество кое интегрира, а не создава поделби, истакна министерката Шахпаска.
Таа нагласи дека Владата преку ресорните министерства имплементира проекти и подготвува законски решенија во решавањето на проблемите и постигнувањето на одредени цели како што се: образованието, вработувањето, усвојувањето на Законот за лица неевидентирани во Матична книга на родени, пилот проектот за Интеграција на Ромите 2020 којшто во моментов се имплементира во Р.С. Македонија. Освен тоа, министерката додаде дека е предвидена и подготовка на Методологија за воспоставување на соодветен механизам за следење и известување за политиките за интеграција на Ромите, преку политики за следење на достигнувањата дефинирани во Декларацијата, со вклучување на Државниот завод за статистика.
-РС Македонија е прва земја во регионот во која ќе се подготвува ваква Методологија која треба да биде во согласност со Декларацијата за Интеграција на Ромите, идентификуваните индикатори од страна на релевантните институции во согласност со Националната Контакт точка и Националната Стратегија за Ромите. Дополнително, оваа методологија ќе биде во согласност со Истражувањето за Роми кое го спроведува Европската агенција за основни права во земји членки на ЕУ, но и во С. Македонија и Србија, рече министерката Шахпаска.
Министерскиот состанок во Тирана, го отворија албанскиот премиер Еди Рама, европскиот комесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеји и генералниот секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу.
Ресорните министри задолжени за интеграција на Ромите во економиите на Западен Балкан разговараа за напредокот постигнат по повеќе од една година од усвојувањето на Декларацијата за интеграција на Ромите усвоена на самитот во Познан.