Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири бара да се санкционираат сите оние кои се одговорни за грешките кои настануваат во учебници. Вели дека во Законот за учебници треба да биде опфатена и постапка за санкционирање на рецензентот, авторот и Бирото за развој на образованието.

-И покрај тоа што сакавме да се вклучиме за доброто на процесот и не ни беше дадена можност да бидеме вклучени во Националниот совет, тогаш министерот или кабинетот на министерот не можат да сносат одговорност. Но, Националниот совет по доставувањето на Извештајот до Владата ќе добие забелешки согласно укажувањата што ги има-вели Шаќири.

Последниот проблем кој настана беше со учебникот по албански јазик за петто одделение околу кратенката за ДУИ, како и грешката во учебникот по Општество, но министерот Шаќири вели дека нема надлежност над Националниот совет, кој е регулаторно тело за учебниците.

-На пример, учебникот по Општество, можете да го земете и записникот од Кабинетот, имаше над 20 забелешки од рецензенти, над 20 забелешки од Бирото за развој на образованието. Сепак, овие забелешки кои исто така не ги посакував и прифаќам критики за нив, не се дадени ниту од рецензентите, ниту од Бирото за развој на образованието. Од тие причини во други законски процедури имав можност да кажам дека и во новиот закон треба да има постапки за санкционирање доколку дојде до такви случаи-вели Шаќири.

Во однос на дефицитот на учебници, ресорниот министер вели дека веќе се распределени сите наставни материјали и дека останало да се распредели уште учебникот по Општество за прво одделение и по македонски јазик за петто одделение.