Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вели дека е отворен за комуникација со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) за нивното барање за покачување на платите на наставниците. Порачувајќи дека нема придобивки од одржување штрајк  Шаќири денеска изјави дека инсистира на директна комуникација со СОНК за да не дојде до тоа.

-Јас претходната недела имав состанок со претседателот и двајца претставници на СОНК, а крајот на неделата ќе реализирам уште еден состанок на кој ќе присуствуваат и претставници од Министерството за финансии, отворени сме за комуникација и во најбрзо време ќе дадеме одговор за овој многу важен процес, најави Шаќири во однос на барањето за повисока плата на наставниците, по покачувањето на минималната.

– Oтворени сме за комуникација. Оваа недела пак ќе реализирам состанок, а на тој состанок освен МОН ќе присуствуваат и претставници од Министерството за финансии. Можно е да биде до крајот на оваа недела или почетокот на другата недела, рече денеска Шаќири во одговор на новинарско прашање пред почетокот на настанот за унапредување на средното стручно образование.

Тој напомена дека се разгледуваат неколку можности во однос на процесот за покачување на платитe, а потсети и дека е во собраниска процедура Законот за наставници во кој е вклучено и покачувањето на платата.

-Ќе бидеме отворени, мислам дека во најбрзо време, до март имаме оставено период кога ќе дадеме одговор за овој многу важен процес, додаде министерот за образование.

Во однос на најавите за штрајк доколку не се исполни барањето за покачување на платите, министерот смета дека од штрајк немаме придобивка и затоа, како што рече, инсистира на директна комуникација со СОНК за да не дојде до штрајк.

-Мислам дека најавите се да се избегне штрајот, и да дојдеме до договор за покачување на платата. Наредниот период е клучен период за комуникација меѓу важните институции, но многу важен процес е и финансискиот дел, додаде Шаќири.

Шаќири: Нема информација кога ќе почне скринингот во училиштата

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири нема информација кога ќе почне скринингот на учениците, меѓутоа вели дека процесот е во тек и најверојатно ќе се реализира во следниот период.

– Немаме информација од Министерството за здравство, но тие соработуваат со Комисијата за заразни болести. Денеска има состанок, сигурно во наредниот период може да го организираат и скринингот. Нема никаква информација денеска кога почнува, рече Шаќири одговарајќи на новинарско прашање на настанот со кој започнува социјалниот дијалог насловен „Учи паметно работи стручно“.

Важно е, вели тој, дека процесот е во тек и оти со добрата комуникација, децата веднаш по пројавување симптоми не одат на училиште. Тој смета дека барањето за одложување на второто полугодие од две недели веќе го поминавме.

– Сега сме во другата фаза во образовниот процес и мислам дека сите со добра соработка ќе може да ја поминеме и новата варијанта на вирусот и да дојде крајот на омикрон во нашата земја, рече Шаќири.

Прашан зошто учениците од државната математичко-информатичка гимназија се на онлајн настава и добиле информација дека училиштето нема затоплување, министерот вели дека добил ветување дека за најбрзо време ќе се реши овој проблем.

– Делот на образованиот процес се менаџира и од локалната власт, во конкретниот случај во директна комуникација се Градот Скопје со ова училиште, рече Шаќири додавајќи дека како министер ја разбира целата ситуација со училиштето и се разгледуваат сите можности истото да се поврзе преку БЕГ за да се избегне оваа проблематика.

Други вакви проблеми, како што рече, нема. Посочи дека во петокот имал состанок со градоначалниците и оти никој од присутните на средбата не се пожалил за проблем од технички аспект.