Не е премногу одамна времето кога гордост на шарени активисти, политичари, новинари, интелектуалци и други граѓани, беше да се покажат со пропагандните маички со трите обвинителки на СЈО.

А денес, расположението за трите лика со тенка половина на маичките, Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристовска, е многу сменето.

На Фејсбук се појави група која заговара шеговит настан „Колективно палење на СЈО маичките на плоштад“, за кој корисниците на оваа социјална мрежа искажуваат голем интерес.

Ветерани од Шарената револуција, поради тоа што се случува деновиве со СЈО, судството, амнестиите и политиката, предлагаат „да се собереме сите заеднички и да ги запалиме маичките со логото од СЈО“. Во шеговитата покана се додава дека „врвни научници потврдија оти чадот од истите нема дополнително да го загади воздухот“.

Учесници на „забавата“, како што стои во најавата од организаторот на настанот, се разочарани шарени, а како специјален гостин е најавен министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Настанот, како што е објавено започна на 27 декември, а ќе трае до 31 декември во 15 часот.