Нашите трупи во Авганистан се таму уште навистина кусо време и очекуваме најголемиот дел од силите да бидат повлечени до јули. Сето тоа се прави со многу внимателно организирана воена операција која што ќе има една единствена цел, а тоа е сигурноста на сите припадници на НАТО-мисијата, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

На претходниот состанок на министрите за одбрана на НАТО, укажа, земјите членки дискутиравме за најдолгата НАТО-мисија, тоа е мисијата во Авганистан во која и ние како држава учествуваме веќе 20 години. Беше донесена со консензус одлука да ја завршиме таа мисија, како што сме влегле заедно во Авганистан во таа операција, како што заедно ја менувавме целта, природата на ангажманот така и заедно да заминеме. Поради безбедноста на сите трупи договорено беше дека оперативни детали нема да се објавуваат, меѓутоа навистина нашите трупи се таму уште, јас би рекла, навистина кусо време и очекуваме најголемиот дел од силите да бидат повлечени до јули месец. Се разбира дека сето тоа се прави со многу внимателно организирана воена операција која што ќе има една единствена цел, а тоа е сигурноста на сите припадници на НАТО-мисијата, рече Шекеринска по прес-конференцијата во Скопје по повод доделувањето на користење просторот во Домот на Армијата на  Катедрата за танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Таа изрази задоволство што пред три дена, вели, ги пречекавме првите наши војници коишто се вратија, иако не беа војници – беа практично доктори и медицински сестри.

-Хируршкиот тим којшто беше дел од Норвешката болница веќе се врати, сите здрави, сите живи за среќа задоволни од својот ангажман и искуството кое што го стекнаа и особено пофалени од своите норвешки колеги, така што ова беше прва наша нетипично војничка мисија од членството во НАТО и затоа беше важен тест. Јас очекувам сите наши припадници, офицери и војници да се вратат дома, рече министерката за одбрана.