Земјава за само една година успеа да ја поправи својата стабилност на Глобалниот мировен индекс за 23 места. Ваквиот напредок во споредба со 2018-та, е резултат и на Преспанскиот договор, вели вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
Индексот кој ги рангира земјите од „најбезбедна“ до „најнебезбедна“, се пресметува врз основа на 23 фактори, меѓу кои и внатрешни и надворешни конфликти, воени трошоци, тероризам, убиства и криминал.
Земјава, според листата, е меѓу петте држави што го подобриле својот резултат. Направи скок за 23 места и го дели 65. место со Грција.
Како што соопшти Владата, овие резултати покажуваат дека Македонија и посветеноста на напорите за европско и евроатлантско интегрирање сериозно придонесува не само кон регионалната туку и глобалната безбедност, мир и стабилност.
-Анализата за стабилноста и мирот во сите земји во светот покажува дека С. Македонија е во петте земји кои го подобриле својот резултат. За само една година сме успеале да ја поправиме својата стабилност на Глобалниот мировен индекс за 23 места. Без стабилност и мир нема економски напредок. Нашите граѓани го знаат значењето на стабилноста и мирот. НАТО е рецепт кој дава резултати – тоа го видовме оваа година и во делот на економијата, истакна синоќа Шекеринска, на ТВ Телма.
На листата се рангирани 163 држави и согласно истражувањето што го направи Австралискиот институт за економија и мир, во споредба со периодот од пред една деценија, светот во 2019-та е најбезбеден во последниве пет години.