Вицепремиерката, министерка за одбрана и заменик-претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска во вчерашното гостување во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5 призна дека е автентична снимката од одењето на гости кај  Боки 13 со Катица Јанева, а нејзиниот конкурент во петтата изборна единица Игор Дурловски го обвини дека „на 27 април во Собранието влегол за да ја убие“.

– Јас не умирам од желба да дебатирам со човекот кој влезе во Собрание да ме убие или да организира други коишто ќе ја завршат валканата работа за него, рече Шекеринска за еден од водачите на тогашната граѓанска иницијатива „За заедничка Македонија“.

Инаку, Дурловски од судот доби ослободителна пресуда за настаните, и тоа откако не побара амнестија.

За средбите со актерите од аферата Рекет, Шекеринска рече:

– Во ниту еден момент не ја лажев јавноста. Се имам сретнато и со едниот и со другиот и со двајцата заедно. Но, јас немам никаква поврзаност со акциите на тие двајца за кои се соочија пред судот, рече Шекеринска коментирајќи ја снимката која се појави на интернет на која се гледа дека таа е гостинка во домот на Бојан Јовановски, заедно со Катица Јанева.

Според Шекеринска оваа снимка била интересна по топа што „прво покажува дека не бил само еден што снимал во тој случај и тоа го нарече како „интересни заднински врски“.

– Зборувавме за една многу актуелна тема во тоа време, а тоа беше зошто не може да се донесе Законот за јавно обвинителство, додаде Шекеринска.

На 6 јули на Јутјуб беше објавена видеоснимка на која се гледа како во домашна атмосфера седи Бојан Јованоски -Боки 13 заедно со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и уште една личност снимена одзади, најверојатно Радмила Шекеринска.

Видеото е објавено од корисник на Јутјуб со име „Боки и другарките другари-ки“ и трае 29 секунди.