Членството во НАТО ќе биде круна на заложбите да станеме дел од западниот и развиен свет, истакна вечерва вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска во Куманово пред почетокот на дискусијата за придобивките и предизвиците од членството во НАТО организирана во рамки на НАТО Караванот „РСМ во НАТО: Политичко-безбедносни придобивки, ризици и предизвици“.

-Посакуваме и очекувавме оваа година да биде, година на двоен успех, НАТО членство почеток на преговори со ЕУ. Пораката и резултатот од последната средба ви е позната. Тоа е разочарување за сите нас, но јас сум оптимист, рече Шеќеринска и додаде дека нема откажување.

Според неа, НАТО членството ќе биде круна на заложбите да станеме дел од западниот и развиен свет.

Што се однесува до бројките министерката кажа дека до 2024 година секоја држава ќе мора да одвои два процента од БДП.  Таа потенцираше дека до 2008 година, државата одвојувала 2,18 проценти од БДП за одбраната.

– Тоа не значи дека ги даваме парите во НАТО, туку си ги вложуваме кај нас, додаде министерката. Државата има академија каде се едуцираат питомци од други држави, полигон каде се вршат вежби, а за македонското небо се грижи членка на НАТО, Грција, нагласи Шекеринска.

Членството во НАТО, рече таа, е и паметна одбрана, а парите кои се одвојуваат ги спореди со одвојување 50 денари од секој граѓанин годишно за кафе.

-50 денари годишно од секој граѓанин е мала цена за сигурно небо и безбеден сон, нагласи Шеќеринска.