Кога во првата половина на следната година Македонија ќе почне да функционира како земја-членка на НАТО, најголемата заслуга ќе ја имате токму вие учесниците во мировните мисии на НАТО, им порача денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на припадниците на АРМ, кои се стационирани во Централната команда во Кабул, во рамки на мисијата на Алијансата „Одлучна поддршка“.

Министерката Шекеринска, како што јави МИА од Кабул, во базата на Централната команда на мисијата беше пречекана од 27-мината учесници, тројца штабни офицери и 24 припадници на Единицата за заштита на силите. Носечка нација тука се САД, под команда на првиот воен човек на мисијата американскиот генерал Остин Скот Милер. Тие се дел од македонскиот контингент во „Одлучна поддршка“, кој има вкупно 49 припадници.

– Доаѓате во мисија, која  е ризична, опасна напорна, која влијае врз вас и здравствено и психички и физички, но ова е некаква сатисфакција за вас и шанса понатаму да се развива вашата кариера на подобар начин, им порача Шекеринска.

Изрази задоволство што се поголем број припадници на АРМ имаат шанса да се приклучат кон оваа мисија.

– Оваа година сте тука затоа што го зголемивме бројот за 20 отсто, додаде таа и најави дека следната година во делот од буџетот се предвидено плус дополнителни 25 проценти зголемување на учеството. Оваа година работевме на поканата на НАТО, ги водиме разговорите со НАТО, знаевме дека на многу места имавме плус со минус, ама на една од позиците навистина имаме чиста петка. Тоа се нашите луѓе во мисиите во НАТО, особено во Авганистан, каде сме од самиот почеток, нагласи министерката.

Таа за време на посетата на Централната команда се сретна со генералот Милер, а предвидена е средба и со високиот цивилен претставник на Алијансата за Авганистан, Корнелуис Зимерман.

Министерката Шекеринска во Кабул пристигна изутрината, а беше пречекана на аеродромот „Хамид Карзаи“ од командатот на македонскиот контингент, полковник Кенан Рахиќ и македонските припадници во Командата за обука, советување и асистенција – Главен град (КОСА-ГГ), која дејствува во рамки на аеродромот.

Шекеринска беше пречекана од 12-мината офицери и еден подофицер од кои четири припаднички на АРМ во КОСА-ГГ, како и деветмината припадници на контингент од КОСА- Север, кои од Мазар-е-Шариф дојдоа тука за пречекот на министерката.