Буџетот за одбрана во 2020 година ќе изнесува 10,1 милијарда денари што е зголемување од 22 проценти во однос на оваа година, изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

Како што истакна таа приоритет во креирањето на буџетот се модернизацијата и човечките ресурси. Од сумата на буџетот за одбраната која значи зафаќање од 1,4 проценти од БДП на земјата  првпат 20 проценти ќе бидат наменети за опремување и модернизација на Армијата, што е и обврска и од членството во НАТО.

Тоа, според Шекеринска, значи дека за оваа ставка сумата е зголемена за 56  проценти во однос на минатата година, а главниот фокус ќе биде на опремување на декларираните единици. Пари се предвидени  и за финансирање на инженерски машини, за набавка на борбени возила и опрема за комуникациска и сајбер опрема.

Во делот на вториот приоритет, грижата за луѓето, Шекеринска посочи дека оваа година со закон и со буџет се обезбедени 7.000 денари за станарина, како и зголемување на платите на вработените во одбраната за 16 проценти со што нивните примања се зголемуваат за над 50 отсто.

Дел од буџетот ќе оди и за реконструкција на објектите на армијата од кои голем дел се стари или застарени, а вкупната определена сума е 263 милиони денари или три пати повеќе од 2018 година.

Предвидено е подобрување на логистичката поддршка од 8,4 милиони денари со која меѓу другото ќе се зголеми надоместокот на учесниците во мировни и хуманитарни мисии, зголемени школувања, обуки, вежби во земјава, но и во странство. Заради подобрување на борбената готовност  еден дел од овие средства ќе одат и на одржување на постоечката што, како што рече Шекеринска, е една од најкритичните точки во досегашниот систем.

-Буџетот за одбрана за 2020 година е буџет за одбрана на земја членка на НАТО и се водевме од таа премиса кога го планиравме, кога баравме повеќе пари и кога обезбедувавме повеќе шанси за припадниците на Армијата. Армијата во НАТО ќе влезе со плати покачени за 16 проценти, со дополнителни приходи на месечно ниво, со нова опрема и лична, но и опрема во однос на механизацијата, со континуирано насочено внимание од државата кон секој наш војник и офицер како што заслужува. Буџетот на одбрана порасна двојно во однос на 2017 година, но многу малку од тие средства излегуваат од нашите граници. Сите овие зголемувања кои се наведени се зголемување во наш човечки капитали во нашата државна одбрана. Сликата за одбраната и за Армијата драстично ја менуваме затоа што и Армијата и одбраната тоа го заслужуваат, рече Шекеринска.

Таа нагласи дека следната година Македонија и формално ќе го заокружи процесот  на зачленување во НАТО најсилната воено политичка Алијанса во светот.

-2020 е година кога и формално ќе ставиме печат на нашето членство во НАТО. Ќе дефинираме дека таа стратешка цел сме ја исполниле и тоа ќе стави печат и на стабилноста и на границите и на сувереноста на нашата држава. Тоа ќе ги зголеми шансите и за инвеститорите, домашни и странски и затоа очекуваме дека нашето членство во НАТО ќе значи и повеќе шанси за работа и подобро платени работни места и поголем интерес од страна на инвеститорите. Бидејќи ја постигнавме нашата стратешка цел, членство во НАТО, ова е начин како тоа членство да го искористиме во полза на граѓаните, истакна Шекеринска.

Согласно членството во НАТО, обврска на земјата е буџетот на одбраната да изнесува 2 проценти од БДП. Предвидено е буџетот и во наредните години да расте со стапка од 0,2 процнети за постигнување на оваа цел.