Наша задача е да ви обезбедиме најдобар тренинг, најдобра опрема и постојано внимание, да продолжиме да инвестираме во вас, во нашите луѓе и за нашите луѓе.
Ова го истакна вицепремиерката и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на денешната централна свеченост во Охрид, по повод 18. Август, Денот на АРМ во своето обраќање.
Таа додаде дека грижата за Армијата нема да прекине. Министерката порача дека по 16 години беа набавени нови инженериски машини, Армијата се подмлади со нови 500 професионални војници.
– Изработивме План за опремување и модернизација на вооружените сили, како дел од Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2019 – 2028. Ги менуваме клучните закони и ги воведуваме НАТО правилата, истакна Шекеринска.
Таа посвети и на македонските војници кои во моментов се илјадници километри од Македонија, во мировните мисии, како „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
– Во Кабул е речиси еден часот попладне. Ова за нашите војници и офицери е работен ден, со работни задачи и многу ризици, очекувани и неочекувани, опасни и уште поопасни. Оваа прослава е наша прослава, но за мене, пред се, ова е нивен ден, рече Шеќеринска.