Вчера немав сила да напишам било што за одлуката на Павле. Тешко ми оди и денеска. Се гордеам и жалам за неговата одлука, во исто време.
Ова го соопшти денеска вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска, во врска со оставката на пратеникот Павле Богоевски, поради аферата со сминката во која нарачува „полче“ кокаин или како што тој рече масло од марихуана.
– Павле беше многу нешта: симбол и борец, мобилизатор и активист, колега и другар. Беше и громобран. Чудо едно колкава нервоза и бес предизвикуваше кај гласните поддржувачи на режимот. Интересно – уште повеќе кај оние тивките. Оние кои години поминаа „незанимавајќи се со политика“, кои не напишаа ниту еден пост по сите зулуми, криминал, агресија, бомби… А кои во последната година наеднаш „прогледаа“. Токму тие кон Павле беа безмилосни. Ги потсетуваше дека во најтешките моменти, секогаш го избираа полесниот пат. Павле тоа никогаш не го направи. Со жар зборуваше против полициската бруталност кога ВМРО МВРО беше страв и трепет. Излезе на улица да ги брани правата на граѓаните, но и гласно да се спротивстави на секакво насилство и, со збор и тело ги штитеше секогаш полицајците. На 27 април тој можеше да се одбрани самиот. Не го направи тоа. Избра да ги одбрани колешките и колегите, по цена на свои повреди, напиша вицепремиерката на својот профил на Фејсбук.
Таа ја велича улогата и одлуката на Богоевски:
– Последната негова одлука најсилно покажа кој и каков е Павле. Не одмолчи, не се повлече, не кажа „лепено, сечено, монтирано“, не го избра полесниот пат. Не се сите исти. Не се сите како Павле. „Вредностите се поважни од секоја функција“ – тоа го кажа и тоа го покажа со свој пример. Затоа сум сигурна дека ова не е последниот негов збор. Павле, алал да ти е! – пишува на крај Шеќеринска, која беше активен соучесник во тн. шарена револуција, во која соборец и беше и Богоевски.