Шеснаесет човечки животи. Повеќе од триесет повредени. Семејства кои повеќе од седум години чекаат државата конечно да стави правна точка на една од најтешките сообраќајни трагедии во поновата македонска историја.

И што добивме? Предметот „Ласкарци“ повторно се враќа назад. Врховниот суд ја укина пресудата на Апелациониот суд и предметот го врати на повторно постапување и одлучување. Да бидеме правно сосема прецизни: Врховниот суд не донесе ослободителна пресуда и не утврди дека осудените се невини. Но токму затоа останува едно огромно и болно прашање: како е можно, по повеќе од седум години од трагедијата, државата сè уште да не е способна да испорача конечна, правно издржана судска разрешница?

Тоа, според мене, требаше да биде централното прашање на денот. Но, за жал, не беше.

Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги последните судски одлуки и обидувајќи се пошироко да ја дообјасни својата теза за своевидна „борба со ветерници“, употреби и една дополнително формулација: „Вие бркате, затворате, тие ги пуштаат на слобода“. И СДСМ веднаш се фати за неа. Како премиерот „бркал“? Како премиерот „затворал“? Дали со тоа признал дека ги контролира полицијата, обвинителството и судството?

И затоа се чудам и јавно прашувам: Господа од СДСМ, зарем тоа е сè што успеавте да слушнете? Го слушнавте глаголот, а не ги видовте шеснаесетте гробови? Го слушнавте „бркате“, а не слушнавте дека едно општество повеќе од седум години чека конечен одговор за трагедија во која загинаа 16 луѓе?

Ја препознавте можната непрецизност во една политичка реченица, а не ја препознавте институционалната катастрофа што еден ваков предмет повторно се враќа во судскиот лавиринт?

Тука веќе проблемот не е само правен. Тој станува и морален.

Никој разумен не бара суд да осуди некого само затоа што јавноста е гневна. Никој не смее да биде осуден без законита постапка, докази и право на одбрана. И токму затоа судиите мора да бидат независни. Независни и од власта, и од опозицијата, и од медиумите, и од улицата.

Но независноста на судството никогаш не смее да биде синоним за неодговорност на судството. Ако седум и пол години по една трагедија во која загинаа 16 луѓе повторно сме на точка на која дел од судската постапка треба да се повторува, тогаш јавноста има полно право да праша: кој погрешил, каде погрешил и зошто?
Ако пониските судови направиле суштински процесни или правни грешки, некој треба да објасни како и зошто се случило тоа, а доколку се утврдат пропусти, мора да има и соодветна одговорност. Ако Врховниот суд има сериозни правни аргументи за укинувањето, јавноста заслужува тие да бидат јасно и убедливо образложени. Ако системот седум години не е способен да произведе пресуда што ќе ја издржи контролата на повисоките судски инстанции, тогаш не е доволно постојано да ја повторуваме мантрата „судството е независно“.

Независно од кого? И одговорно пред кого?

Токму тука реакцијата на СДСМ остава горчлив впечаток. Наместо да прашаат што се случува со еден предмет во кој има 16 мртви луѓе, тие политичката шанса ја препознаа во еден глагол.

Наместо прво да кажат: „Бараме целосно и транспарентно образложение зошто по повеќе од седум години предметот повторно се враќа“, тие решија да докажуваат дека Мицкоски самиот признал дека „гони и апси“. Можеби премиерот се изразил лошо. Но дали тоа е поголемиот проблем?

Ајде утре да го избришеме глаголот „бркаме“. Ајде да кажеме: полицијата открива, обвинителството гони, судот суди. Одлично. И што потоа? Дали со тоа ќе ги вратиме седумте години? Дали семејствата на загинатите ќе добијат одговор? Дали граѓаните ќе дознаат зошто еден толку тежок и општествено чувствителен предмет повторно се враќа на одлучување? Дали некој ќе понесе институционална одговорност ако се утврди дека со години се правеле сериозни правни или процесни грешки?
За сите овие прашања, пак, од СДСМ нема соопштение. И токму тука е суштината на проблемот.

Во Македонија со години политичките партии го гледаат правосудството различно, зависно од тоа од која страна на Илинденска се наоѓаат. Кога се на власт, секоја критика на судството е „притисок врз независноста“. Кога се во опозиција, истиот судски систем станува „заробен“, „криминализиран“ и „под контрола“.
Тоа политичко лицемерство мора еднаш да заврши.

Судството не е ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ, ниту на ДУИ. Но не е ниту приватна република на судиите. И затоа на СДСМ мора јасно да му се каже: не се крие суштината на една трагедија зад еден несреќно употребен глагол, уште помалку кога тој е извлечен од поширокиот контекст на кажаното.

По ваквата реакција на СДСМ, можам само да констатирам дека е жално што не успеваат да ја препознаат суштината на проблемот. А таа не е во еден глагол. Таа е во шеснаесет човечки животи кои ги нема, во семејствата кои повеќе од седум години ја чекаат правдата и во државата во која еден од најтешките судски предмети може со години да патува од суд до суд, за на крај повторно да биде вратен назад на одлучување.

И конечно, главното прашање не е кој политички ќе профитира од одлуката на Врховниот суд. Прашањето е дали во оваа држава некогаш ќе изградиме судски систем во кој пресудата ќе биде донесена независно, законито, стручно и навремено и ќе биде доволно цврста да ја издржи секоја правна проверка. Затоа што правдата што бесконечно се враќа на почеток, за семејствата на жртвите сè помалку личи на правда.

А кога зад судските списи стојат шеснаесет изгубени човечки животи, политичарите од СДСМ имаат обврска барем еднаш да престанат да бројат глаголи извлечени од контекст. И да почнат да ја бројат цената на институционалниот неуспех.

Пишува: ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ