Скопјани за Нова година ќе добијат украсено Скопје за 200.000 евра. Градот денеска го објави тендерот за новогодишно украсување на улиците, булеварите и плоштадите, што ќе чини 200.000 евра без ДДВ.
– Декорирањето и украсувањето за новогодишните празници треба да е на високо естетско ниво, во духот на модерното време на живеење, со современ и атрактивен дизајн, уметнички и ликовни ефекти, пишува во тендерската документација што е објавена на сајтот на Бирото за јавни набавки.
Градоначалникот Петре Шилегов вели дека градот кон почетокот на декември ќе биде украсен, а дали ќе има новогодишен пречек и дали ќе се одржи манифестација „Винтерленд“, ќе зависи од состојбата со коронавирусот.
Лани новогодишното украсување на Скопје чинеше 260.000 евра, а на новогодишната прослава на Плоштадот Македонија за рекордна сума пееше босанскиот пејач Дино Мерлин.
Околу настапот на Мерлин, за кој Шилегов рече дека бил платен од спонзорства, деновиве излегоа нови видувања од Перо Камиказа и имаше полемика околу висината на износот, исплатата и споредби со износите кои биле плаќани за истата намена во минатото.